ММС, 27.08.2018
Баскетот од Марибор, Словенија, го донел Трајко Кошевалиски, кој бил и судија на натпреварот што се одиграл на 27 август 1933 и на кој вкупно биле постигнати 22 коша, а за двете екипи пред многубројната и љубопитна публика, бидејќи сите сакале да видат што чудо од игра е тој баскетбол, настапиле спортисти од тогашното Соколско друштво
Пишува: Љупчо Шатевски
Многу народ се слеал во Штип тој 27 август 1933 година покрај импровизираното игралиште на местото на денешниот парк пред основното училиште „Ванчо Прке“ во центарот на Штип. Сите сакале да видат што чудо од игра е тој баскетбол, за кој не се знаело ништо. Првите „баскетболисти“, пак, биле членови, универзални спортисти, главно гимнастичари, на штипското Соколско друштво, поделени во две екипи – „црни“ и “црвени“.
Мечот одигран три години пред кошарката да стане олимписки спорт
„Во неделата, на 27 август, во Штип е одигран братски натпревар помеѓу ‘црвените’ и ‘црните’ за кој владееше голем интерес. Резултатот беше 12-10 во полза на ‘црвените’. Одлично судеше Трајко Кошевалиски. Посетата беше во рекорден број“, напишал тогашниот весник „Вардар“ по мечот во Штип, кој се одиграл две години пред пред првото Европско првенство во кошарка во Швајцарија и три години пред дебито на кошарката како олимписки спорт на Олимпијадата во Берлин. Во Штип денеска, првпат организирано, ќе се одбележи 85-годишнината од тој натпревар, а по тој повод ревијален натпревар во 19 часот во штипската сала „Јордан Мијалков“ ќе одиграат скопски „Работнички“ и „Куманово“.
– Тоа бил значаен ден, прв кошаркарски меч одигран во Македонија. Не е забележан во историјата на македонската кошарка, бидејќи како почеток на овој спорт кај нас се зема периодот по Втората светска војна. Веројатно благодарение и на тој натпревар, Штип во годините потоа бил центар на овој денес многу популарен спорт. Штипски „Ванчо Прке“ бил македонски шампион во 1945. Во 1946 неговите играчи ја сочинувале македонската репрезентација која учествувала во Нови Сад на првенството на сите југословенски републики и покраини, на кое не дошла само Словенија. Македонија ги совладала другите противници, а во финалето со висок резултат загубила од Хрватска. За жал, во годините потоа кошарката во Штип почна да стагнира. Само неколку години во самостојна Македонија имавме прволигаш – вели поранешниот кошаркарски судија Тодор Рибарски, еден главните иницијатори за одбележување на денот кога бил одигран првиот кошаркарски меч.
Ударнички и ентузијастички направени игралиштето, кошевите, таблите…
Првата кошаркарска топка во Штип била донесена во 1932 година од Марибор, Словенија, една година пред првиот натпревар. Баскетот го донел штипјанецот Трајко Кошевалиски. Тој и другар му Лазо Каламатиев, исто така гимнастичар и повеќестран спортист, изучувале занает во Словенија. Кога слушнале дека во Марибор ќе има прва презентација на нов спорт од страна на австриски стручњак, отишле. По презентацијата, Кошевалиски ја купил топката и ја донел во Штип.
Според сеќавањата на сега покојниот Кошевалиски, кај неговите другари и пријатели топката и новата игра баскетбол побудиле голем интерес. Но, за посериозен натпревар било рано, па се одржал следното лето, односно на 27 август 1933. Ударнички биле направени игралиштето, таблите и кошевите. Мрежичките за кошевите ги исплел Петре Топликлиев. Првите баскетболисти биле: Лазо Каламатиев, Славе Кикиритков, Методи Балванлиев, Петре Кавраков, Илија Гочев, Киро Савев, Никола Гаќев, Киро Шапков, Ѓорѓи Спасиков, Петар Самарџиски… Судија на мечот бил Трајко Кошевалиски.
Имало убави кошаркарски денови во Штип и потоа, особено по ослободувањето, проткаени со многу интересни случки, анегдоти, згоди и незгоди. Една од најинтересните случки пред пет години, на 80-годишнината од одигрувањето на првиот меч, ни’ ја раскажа неодамна починатиот Крум Маренчев. Тогашната штипска екипа „Текстилец“ во 1962 година играла осминафинален натпревар во Купот на СФРЈ со силната белградска „Црвена ѕвезда“. Мечот се играл во Штип, кој тогаш немал соодветна сала, па белграѓани биле пречекани на отвореното игралиште во дворот на тогашната Учителска школа, во чија зграда сега е штипската гимназија.
Највисокиот кошаркар – 193 сантиметри
– Мечот беше закажан за 15 април, недела, а гостите дојдоа ден порано и се сместија во тогашниот хотел „Македонија“. Имав 20 години. Бев првотимец, а од нашата управа добив и задача да ги придружувам белграѓани во Штип. Тие, можеби со право, се однесуваа малку потценувачки. Дојдоа само со осуммина кошаркари и без центарот Колаковиќ, а на попладневниот тренинг се појавија петмина. Ме замолија да играм и јас, за да имаат за две екипи од по тројца. Кон крајот на тренингот, ме прашаа дали настапувам за „Текстилец“. Веројатно од скромност, без намера да ги лажам, не им кажав дека сум во првата петорка. Реков оти сум резерва. Нешто подоцна побараа да ги однесам до телефонска говорница. Ги одведов во поштата. Оддалеку и несакајќи им го слушнав разговорот со управата. „Веднаш испратете го Колаковиќ со вечерниот воз Белград – Атина за да избегнеме евентуална сензација. Видовме како игра еден нивни резервист, а ако игра така резервата, како ли играат тие од првата петорка – се присетуваше на случката Маренчев.
Центарот Колаковиќ, кој за тоа време имал импозантни 209 сантиметри, го фатил вечерниот воз и во неделата наутро се симнал во Велес. За да стигне до 10 часот претпладне, кога почнувал натпреварот, во Велес платил мотоциклист да го донесе до Штип.
– Успеа да стигне петнаесетина минути пред почетокот на мечот. Белграѓани се израдуваа, а нам ни’ се фатија нозете. Нашиот највискок играч имаше само 193 сантиметри. Бодрени од двеилјадната публика, во првото полувреме солидно се држевме. Во второто паднавме кондициски, а и половина екипа ни’ заработи по пет лични грешки зашто наизменично го чувавме високиот Колаковиќ, кој ни’ даде 31 кош. Загубивме со 40 разлика – раскажуваше Маренчев.
БАСКЕТБОЛИСТИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈЕ НА МЕСТОТО КАДЕ ШТО СЕ ОДИГРАЛ МЕЧОТ
На местото каде што се одиграл првиот кошаркарски натпревар, во паркот пред училиштето „Ванчо Прке“ наскоро се очекува да биде подигнато спомен-обележје. Тодор Рибарски вели дека идејното решение било готово, ќе имало кош, кошаркарска табла на која ќе биле испишани и имињата на Трајко Кошевалиски и на сите што настапиле на првиот кошаркарски меч. Рибарски се надева и оти тоа можеби ќе биде поттик за подем на кошарката во Штип.
За жал, спортот во Штип повеќе години, со исклучок на некои повремени успеси во индивидуалните спортови, е во голема криза. Градот во моментот нема прволигаш ни во машка ни во женска конкуренција во ниту еден од најпопуларните и најгледани спортови од публиката и кај нас и во Европа, како фудбалот, кошарката, ракометот, а некогаш во СФРЈ имаше сојузен второлигаш во фудбал, член на Првата Б лига на Југославија во одбојка. Нема ни спортска сала со повеќе од 400 седишта за публика, а и фудбалскиот стадион никако да се комплетира како што треба.