ММС, 19.09.2018
Во убавиот, но тешко пристапен планински предел, покрај врвот Ченгино Кале, се и егзотичното мало езерце низ кое поминува граничната линија помеѓу Македонија и Бугарија, може да се видат и тритони и растение што јаде инсекти, а шумарскиот инженер, планинар и водич во природа, Марјан Митриновски, вели дека тие природни убавини засега се привилегија главно за планинарите од Македонија и од Балканот, кои се се’ почести гости, но верува дека работите ќе почне побрзо да се менуваат, особено ако пределот стане заштитено подрачје, за што постапката е во тек
Пишува: Љупчо Шатевски
Недопрена природа, извонредно богата флора и фауна, мало езерце низ кое поминува самата гранична линија помеѓу Македонија и Бугарија и исклучително убав планински предел во тој дел на Малешевските Планини во кој со километри нема населено место и луѓе. Тоа се основните карактеристики на месноста Ченгино Кале, најисточната точка на Македонија, како и на некогашна СФРЈ. За неа многу малку се знае, иако, според она што го нуди, може да биде одлична туристичка дестинација и добро е што Источниот плански регион со Програмата за заштита на природата и Швајцарската агенција за развој и соработка работат на постапка за нејзино прогласување за заштитено подрачје заедно со Осоговските Планини.
Ченгино Кале е на надморска височина од околу 1.760 метри, оддалечено од Пехчево е 20 километри, а од туристичката населба Равна Река, до каде има асфалтен пат, околу десет. Потоа се оди низ густа и висока борова и букова шума по тешко прооден земјен пат, кој прво поминува покрај дел од водопадите на Брегалница, втората по големина река во Македонија која овде извира, и води до некогашната караула на ЈНА што е на три километри од Ченгино Кале. На врвот, пак, е граничниот камен број 48, на кој уште пишува СФРЈ, а малку понатаму стои и бугарскиот граничен камен.
Како на дланка Пирин, Рила, Солунска Глава…
За скриените убавини на најисточната месност во Македонија разговараме со 37-годишниот Марјан Митриновски, дипломиран шумарски инженер, вработен во шумската полиција, лиценциран локален водич во природа и претседател на планинарската група „Кадиица“ од Пехчево. Тој е најчест посетител на овој терен, а најмалку еднаш месечно за да се запознаат со убавините на овој крај органзира планинарски маршеви на кои доаѓаат планинари од Македонија, Србија, Бугарија… Првиот следен таков марш на Ченгино Кале, овој пат во соработка со планинарското друштво „Планински орли“ од Софија, треба да биде на 7 октомври, а се очекуваат стотина планинари од Македонија, Бугарија, Србија и од други балкански земји.
– Речиси секој што ќе дојде посакува да се врати повторно, а и добриот глас се шири, па имаме многу заинтересирани за посети на Ченгино Кале, но и на други интерсни дестинации во пехчевскиот дел на Малеш, како Кадиица, локалитетот Св. Петка, Равна Река, водопадите, локалитетот каде што некои претпоставуваат дека некогаш бил градот Равен, во кој основоположниците на словенската писменост и култура Кирил и Методиј ја создале глаголицата… Добро е што почна постапка за прогласување на Ченгино Кале за заштитено подрачје. Верувам дека така побрзо ќе се афимира овој убав предел – вели Митриновски.
Објаснува дека, поради карактеристичната местоположба, од врвот Ченгино Кале се гледаат сите поблиски, но и подалечни планини и планински врвови – Пирин, Рила, Славјанка и Витоша кај Софија, во Бугарија, а во Македонија, освен врвовите на поблиските планини, као Беласица, Плачковица, Голак, Осогово, погледот се простира дури до Солунска Глава, Љуботен на Шар Планина…
Езерце низ кое поминува граничната линија помеѓу Македонија и Бугарија
– Посебна атракција е малото езерце, долго 30 до 40 метри и длабоко до еден метар, низ кое поминува граничната линија. Најубаво е во пролет, полно е речиси преку цела година, освен од крајот на летото, па до првите пообилни есенски дождови кога пак се полни. Некои веруваат дека неговата вода е лековита за очи и за жени-неротки, па порано доаѓале луѓе од двете страни на границата на замивање очи, но таа традиција веќе прекина. Сега, освен планинари, овде повремено може да се видат и луѓе од науката, заинтересирани за богатата флора и фауна, како, на пример, ендемската смрека, белата бреза, тритоните, кои наликуваат на минијатурни диносауруси… – раскажува Марјан Митриновски.
Посебно го истакнува инсектојадното растение drosera rotundifolia или муволовка, балкански ендемит, за кое се сметаше дека во Македонија го има само во месноста Јудови Ливади на три километри од Пехчево. Марјан вели дека пред неколку години муволовката првпат ја нашол и на Ченгино Кале.
Ретко растение што јаде муви и други инсекти
– Ја има и овде, на 1.700 метри надомрска височина, на 200 метри под врвот Ченгино Кале. Други видови муволовки има во уште неколку балкански земји, но овој го има само кај нас и тоа само од крајот на јуни до септември. Со светлоцрвената боја и со своите трепки, облеани со капки од слатка и леплива супстанција, муволовката го привлекува инсектот на својот цвет, потоа го зграпчува и го користи како исхрана, со што ги надоместува нитратите и другите хранливи соедниненија што не може да ги обезбеди од почвата – вели Митриновски.
Додава и дека во последната деценија биле преземени некои чекори за афирмација на тие убавини и природни реткости. Биле уредени водопадите, се направиле патеки, поставени се патокази и информативни табли за локалитетите, иако многу работи оделе бавно. Жал му е што уште туристички не е активирана напуштената караула на некогашна ЈНА, која македонското Министерство за одбрана и’ ја преотстапи на локалната самоуправа, па сега се распаѓала и во неа се вселил говедар.
– Сите во Македонија зборуваме за планински, за алтернативен туризам. А подобри природни услови за таков туризам од ова овде – здравје. Недопрена природа со километри, висока шума во изобилство, редок растителен и животински свет, водотеци, водопади, чист воздух, здрава храна… Само, сето тоа треба да се искористи – истакнува Митриновски.
ИМА СВОИ ПЛАНИНАРСКИ ДОМ И ПЛАНИНСКА КУЌИЧКА
Марјан Митриновски е активен планинар веќе 23 години. Речиси секој викенд сам или со сопругата Менче е на планинарски маршеви во Македонија, Бугарија, Србија… Сето тоа и го документира со фотографскиот апарат. Не оди само кога некој викенд има неодложни службени или приватни обврски. Во Спиково, родното место на татка си, село помеѓу Пехчево и Ченгино Кале во кое нема постојани жители, пред пет-шест години направил викендичка од дрво што ја нарекува планинарски дом, а во дворот на семејната куќа во Пехчево си опремил планинска куќичка.
– Планинарството ми е во крвта. Викендичката во изминатите години само неколку пати ја имам користено приватно, а се’ друго е за планинарски потреби, па затоа и ја викам планинарски дом. Пред тргнување или по враќање од маршеви во овој крај на помали групи, овде ноќеваме или кратко престојуваме со колеги од „Кадиица“ и со гости други места. Куќичката во Пехчево, пак, ја именував како „Планинарски средби“. Овде редовно се собираме пред тргнување на маршеви на поголеми групи – објаснува Митриновски.
За придонесот за афирмацијата на градот и за развој на планинарскиот туризам во општината, тој пред две години доби златна плакета од Пехчево што се доделува на Денот на ослободувањето на градот.