За жал, неретко сме сведоци на некултура од нашите сограѓани кои фрлаат отпад каде што не треба или кршат урбана опрема. Што ова кажува за луѓето и како би можело ова да се спречи? Дали ни е потребна повеќе едукација за да ја почитуваме природата повеќе или можеби да се засилат санкциите?
-За жал, ова е пример во повеќето македонски туристички места, па дури и тие што се најпопуларни. Иако на некои одредени места има табли за да не се загадува околината и природата, сепак некои луѓе намерно го прават тоа и не ги почитуваат препораките. Често сум сретнал многу туристички места во Македонија со расфрлано ѓубре или сум начекал несовесни граѓани како го загадуват место, по што сум им укажал дека не треба да се прави тоа.
Тоа што треба да се направи е државата да помогне со едукација во основните и средните училишта со тоа што ќе се воведат посебни предмети по екологија, кампањи, и високи казни. Често препорачувам да се воведе комунална полиција која ќе ги казнува несовесните посетители на лице место со повисоки казни. Комунална полиција веќе има во западните поразвиени земји и таму често се казнуваат несовесните туристи. Во Јапонија и Јужна Кореа ги едуцираат децата за екологијата уште од најмала возраст, па во нивните градови воопшто нема корпи за отпадоци, туку граѓаните често ѓубрето си го понесуваат со себе и го фрлаат дома, што треба почесто да го практикуваме и ние кога сме во природа.
Со кој најчесто шетате и како Вашите блиски гледаат на авантуристичкиот дух кој го имате?
Често шетам со мојата фамилија, која ми е голема поддршка. Понекогаш во моите патувања се придружуваат и моите пријатели, со цел преку мене да дознаат и посетат многу места што не се толку познати во Македонија, а би можеле да станат идна туристичка атракција.
Во една од објавите на социјалните мрежи наведовте дека некои луѓе патуваат да се фотографираат и да се „чекираат“. Колку социјалните мрежи ја изменија поентата на патувањата и дружбите, дали некои од луѓето не знаат всушност да уживаат?
-Има многу такви луѓе што посетуваат одредени места во Македонија, кои најчесто се од оние попознатите, само за да бидат ,,чекирани” таму, но не и дека вистински ги интересира местото. Некои дури и воопшто не го знаат местото или не знаат за него, а притоа го посетуваат, само на социјалните мрежи да бидат видени од другите луѓе дека се таму. Социјалните мрежи иако се место на кое се дознаваат многу туристички места и достојно се промовираат, сепак во некои случаеви преку нив туристичките места се користат за поинаква, односно лична промоција.
Кои се местата надвор од Македонија кои ви оставиле најголем впечаток досега? Има ли некое место кое би сакале да го посетиле, а досега не сте успеале?
-Има многу такви места. На пример, има дестинации на Балканот кои не сум ги посетил и би сакал да ги посетам, како Стариот мост во Мостар, Босанските пирамиди, водопадите во Јајце во Босна и Херцеговина, Џавола Варош и Крупајско врело во Србија, најстарата пештера во светот, пештерата Теопетра, која се наоѓа на место кое многу Македонци го посетуваат, а воопшто и не знаат што друго крие, а тоа е Метеора во Грција, пештерата Проходна во Бугарија. Листата е многу долга, но ова се едни од омилените места од таа листа кои би сакал да ги посетам, а се на Балканот.
Од местата што сум ги посетил и ми оставиле голем впечаток се Стопича пештера во Златибор, „Албанските Малдиви” Ксамил, мостот Понте Векио во Фиренца, катедралата во Ватикан, градовите Љубљана и Барселона и тн.
Иако многумина штом го посетат Париз, би сакале да се качат на Ајфеловата кула, мене тоа не би ми било приоритет и би ги посетил Лувр и Катакомбите. Голема желба ми е да ја посетам повторно Прага и да ги посетам местата што ги пропуштив од претходниот пат, а тоа се најопасниот лифт во светот кој служи како туристичка атракција и пешачката улица со семафор. Од подалечните држави би сакал да ги посетам Ерменија, Норвешка, Исланд, Португалија, Бразил, Тајланд, Јужна Кореа, Кина. Посебно сум љубител на панорамските разгледи на градовите со хеликоптер, кои ги има во многу градови низ светот. Имам премногу желби, па се надевам дека дел од нив ќе се остварат.
Некои луѓе кога патуваат купуват магнети за фрижидер од местото каде што биле, други разгледница или некаков сувенир. Дали Вие имате некоја ваква навика?
-Колекционер сум на сувенири од местата што ги посетувам и нивните знаменитости. Исто така колекционирам магнети за на фрижидер и карти за играње со фотографии од местата и државите кои ги посетувам. Тие се сместени на најубавото место во мојот дом и сум многу приврзан со нив и имаат големо значење за мене.
Вие сте и колекционер на банкноти. Како се роди ова хоби, колку банкноти имате и како доаѓате до нив? Дали има банкнота од некоја држава која би сакале да ја имате?
-Веќе станав познат на дел од јавноста по тоа што сум колекционер на сѐ уште важечки банкноти од сите држави од светот. Со ова хоби ме поврза туризмот и љубовта кон него. Многу луѓе дури и што не ги познавам лично, ме препознаваат на социјалните мрежи и по медиумите и сами ми нудат банкноти од некоја држава од светот. Од сите колекции што ги набројав погоре, ова ми е омилено и на него се имам најмногу посветено. Имам собрано околу 65% од сите банкноти во светот. Некогаш до нив доаѓам преку пријатели и познаници или пријатели на моите пријатели, но некогаш луѓето на социјалните мрежи сами ме пронаоѓаат и ми даваат банкноти. Би сакал да ги имам тие што се потешко достижни и се од подалечните држави, како Северна Кореа и Мадагаскар.
Вања Мицевска