Родителите на деца со дијабет тешко доаѓаат до работа
Здравствената состојба на децата со дијабет ја отежнува и вклученоста на пазарот на труд на нивните родители. Гордана сведочи дека кога ќе тргнат да бараат работа и ќе кажат дека имаат дете со дијабет, работодавачите негодуваат. Таа раскажува дека и самата го загубила работното место, бидејќи во момент кога на Иван не му било добро, таа морала веднаш да отиде кај него и да му помогне.
„Има случаи кога нивото на шеќер во крвта е екстремно ниско, таквата состојба се вика хипогликемија со симптоми како треперење, вртоглавица, заматен вид, па и несвест и бара итна помош и реакција, во такви случаи родителот мора да е до своето дете бидејќи самостојно не може да функционира. Јас лично се имам соочено со загуба на работното место бидејќи при таква случка ме викнаа да бидам кај своето дете. Самата состојба по себе е шок за детето и тоа носи дополнителни стресови“, додава Гордана.
Сепак, таа потенцира дека секој родител пред сѐ би го избрал своето дете, а не работното место.
„Каде и да се спомене дека детето има дијабетес и едниот од родителите има здравствени проблеми, веднаш се затвораат вратите, а и самите сме свесни со какви се примања не може да се озбезбеди нормален и пристоен живот во овие кризни времиња. Во оваа прилика упатувам апел до работодавачите дека и родителите на деца со дијабетес може да работат и да придонесат, дури и во ситуации кога нивните деца се борат за живот, работата се надоместува, а никој не сака намерно да отсуствува од работа. Никој не може да предвиди дали детето денеска ќе биде добро“, искрена е мајката.
Дијабетот вели таа, влијае врз растот и развојот на децата бидејќи се јавува нервоза кога детето сака да биде исто како и сите други од генерацијата, а општествените услови не се доволни за тоа.
„Во училиштата нема медицински персонал, а сметам дека треба да има. Како родител сметам дека во секое училиште треба да има барем по една медицинска сестра. На ниво на држава немаме некој таков проект, а верувам дека секој родител би сакал да знае дека некој се грижи за детето за време на престојот во училиштето“, вели Гордана.
Додека таа јавно преку раскажувањето на своето искуство, се бори за подобро утре на лицата со дијабет, смета дека има родители кои го кријат тоа како да е нешто најштетно на светот.
„Тие мислат дека ова е болест, а дијабетесот не е болест, тоа е хронична состојба која ја засега личноста која се справува со истата и со добра контрола и придржување до правилните животни навики, се менаџира сосема нормално. Во самата општина сѐ повеќе расте бројот на лица со дијабетес, меѓу кои и бројот на деца. Тоа беше повод да бидеме иницијатори за формирање на здружение на лица со дијабетес кое ќе стои зад правата на овие лица. Така веќе од 2020 година функционира Здружението на граѓани со дијабетес за општините Гевгелија, Богданци и Дојран“, истакнува Гордана.
Во однос на тоа дали оваа состојба може да исчезне, објаснува дека дијабетесот е тука во текот на животниот циклус на човекот, а и никој не знае ниту може да биде сигурен кога, каде и на каков начин би се соочил со дијабетесот.
– Но, она за што самите треба да сме свесни и да се бориме заедно е добивањето на соодветен третман, опрема, терапија и уреди кои на сите ќе ни го олеснат овој животен предизвик. Во оваа битка сме сите заедно, затоа заедно треба да се погрижиме за нас, за нашите деца, за сечие подобро утре – порачува мајката на Иван.
Повеќе ленти за лицата со дијабет и нивна навремена дистрибуција во инсулинските аптеки пред неколку месеци побараа и од Сојузот на здруженија на дијабетичари, кои проблемот го образложија на прес конференција пред Министерството за здравство. Од невладината БАЛАНС МК пак, посочија дека во Македонија има 600 деца до 18 години со тип 1 дијабетес.