Инсулин има доволно, но не и лентички за апаратчињата за мерење на шеќер
Според неа, инсулин во државата има доволно, но апелира да се воведат бесплатни сензори и подобри апаратчиња за мерење на шеќер, за да не мора децата да се боцкаат и по неколку пати дневно.
-Сензорите го олеснуваат следењето, тие би придонеле децата да не се боцкаат постојано по прстите за мерења со лентички и затоа сметам дека секое дете заслужува таков уред бесплатно. За жал, во нашата држава тие не се достапни ниту бесплатно, а ниту приватно за набавка од домашна аптека. Истите се набавуваат од други држави низ Европа, претежно од Франција и Германија, некогаш и од Грција. Цената за еден сензор кој има 14-дневно траење изнесува од 60 до 80, па и 100 евра, а за цел месец потребни се 2 сензори. Како ние, родителите би успеале да ги покриеме таквите потреби со нашиот стандард? – прашува Гордана.
Таа вели дека неодамна добиле донација на сензори преку Сојузот на здруженија на дијабетичари, но не може цел живот да функционираат преку донации.
„Таквата донација ни ги усреќи децата. Но, дали би можеле целиот живот да го истуркаме преку донации? – Секако дека не, затоа се бориме да воведеме сѐ повеќе бесплатни услуги и опрема, кои во европските земји се достапни, а кај нас не“, додава Гордана.
Таа потенцира дека во одредени држави на секои шест месеци лицата со дијабет добиваат бесплатни апаратчиња за мерење шеќер и тоа со многу подобар квалитет од оние што нашите пациенти ги добиваат едвај еднаш во две години. Нашата соговорничка вели дека квалитетот на уредите не е на соодветно ниво, па во нивниот дом, некогаш шеќерот се мери и по неколку пати за едно дозирање со инсулин.
Таа објасни и како изгледа таквото мерење:
„Иван се боцка со пенкалце со ланцета во прстот, од каде капката крв се пренесува на тест-лентичката на апаратчето за мерење на шеќерот во крвта и резултатите веднаш се отчитуваат. Инаку, во болницата во Гевгелија со проблем со недостиг не сме се соочиле, постојано имаме достапен инсулин со подобрен квалитет од претходно, кој навреме го подигаме од инсулинската аптека. Персоналот кој е вработен во инсулинската аптека е услужлив, посветен и секогаш достапен за лицата со дијабетес. Генерално проблемот со кој се соочуваме е недостатокот на лентичките за апаратчето за мерење“, нагласува мајката на Иван.
Гордана посочува дека за два месеца добиваат 250 тест-лентички, односно пет пакувања од по 50, но тие не се воопшто доволно.
„Некогаш се случува во некои места лица со дијабетес да добијат двојно помалку лентични, поради општиот недостаток. Функционираме тешко и со тие 250, се случува по 10-15 пати да мериме шеќер во крвта дневно, така ни за цел месец не би ни стигнале, никако за два месеци“, истакнува Гордана.
И таа, како и многу други родители, кога има потреба од повеќе лентички позајмува од роднини и пријатели, или пак, се снаоѓа преку групите на социјалните мрежи, бидејќи едно пакетче со педесет тест ленти во аптека чини илјада денари.