Наместо да расте, детето ми се смали „како векна леб“
Мајката вели дека наместо да расте, нејзиното дете се смалило како „една векна леб“.
„Бев уплашена, нѐ фаќаше паника, не знаевме за што се работи. На Детска клиника ни кажаа дека се работи за дијагноза – дијабетес мелитус тип 1 и ние тоа веднаш го прифативме. Знаевме дека се живее со дијабетес, се смиривме, се прилагодивме на новата ситуација и едноставно веќе четири години работиме на справување со предизвиците кои ги носи дијабетесот“, посочува нашата соговорничка.
Претходно никој во нивната фамилија немал дијабетес, па родителите на Иван не знаеле многу за оваа проблематика. Докторите им објасниле дека дијабетес тип 1 е појава која може да биде карактеристична за децата и дека се јавува кога телото не лачи доволни количества на хормонот инсулин, со што се нарушува метаболизмот и цирклуацијата на шеќерите во организмот, при што се јавува покачено ниво на шеќер во крвта – хипергликемија.
Од 2018-та година, кога Иван бил хоспитализиран со неговата мајка на Детската клиника, тој е на инсулинска терапија. Гордана вели дека семејството вложува максимални напори за да го одржат нивото на гликемија во нормални граници. Ваквата ситуација придонела неговиот постар брат по матурирањето да се одлучи за медицината и подетално да навлезе во здравствениот проблем на Иван, за да може да му помага не само нему, туку и на другите пациенти. Гордана и нејзиниот постар син сега преку граѓанскиот сектор гласно се залагаат за да им се олесни секојдневието на пациентите со дијабет, особено на децата.
„Цело време користиме инсулин, а во однос на тоа колку единици инсулин треба да се внесат, се консултираме со докторите специјалисти, но секако тоа зависи и од потребите на лицето кое го користи инсулинот. Инсулинот се внесува преку инсулински пенкала, со мала игличка. Инсулинот е спасот на лицата со дијабетес и веќе 101 година од неговото прво пронаоѓање и употреба, до денес го овозможува нивното функционирање. Ние конкретно, правиме редовни контроли и во Скопје и во Гевгелија, но и кога ќе направиме контрола кај нас, јас ги праќам тие резултати на докторката на Детската клиника и така редовно сме во контакт“, потенцира Гордана.