ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/13/22 10:21 AM

Над 100 илјади граѓани крпат живот, минималната плата колку за леб и сол, за сметки се земаат кредити

Минималната плата од 15.000 денари за кусо време ќе биде само колку за леб и сол. А, посебно ако во едно семејство е вработен само еден член.

Постојаното зголемување на цените уште повеќе ја влошува ситуацијата што го потврдуваат анализите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) според кои синдикалната кошничка од месец во месец ја зголемува вредноста. Последните податоци за декември 2021 покажуваат дека на просечно македонско семејство во просек му се потребни 35.042 денари или две минимални плати месечно, што е за 150 денари повеќе од претходниот месец и за 1.500 денари повеќе од истиот месец 2020, што не се случило никогаш во досегашната практика на следење на синдикалната кошничка.
Според ССМ со две минимални плати од по 15.000 денари, откако ќе се платат трошоците за храна, пијалоци и комунални услуги, струја, вода, парно, остануваат само уште 4.317 денари, сума со која е невозможно да се врзе крај со крај во месецот.
Или, од вкупната вредност на кошничката, 15.091 денар се за исхрана и пијалоци или 43,07 отсто, додека за сметки (домување) се потребни 10,930 денари или 31,19 отсто.

„Нам не ни се потребни официјални анализи за тешкото живеење. Сите чуствуваме по џебот. Ако лани ова време за 1.000 денари сме полнеле по две кеси со продукти од пазар, сега за истите пари едвај една. Ние се грееме на струја и една третина од платата оди за таа сметка. Иако и сопругот работи, платите не стасуваат за нормален живот. Ако не се кредитите, нема живеачка. Секоја година рефинансираме кредит, а во последно време користиме и т.н брзи кредити за да платиме сметки или да покриеме минус во банка. И така со години.“, вели скопјанката Т.М (45).


Најголем дел од вработените земаат по 15.000 денари плата. Или, според ССМ, нивните пресметки покажале дека во земјава со толку пари живеат над 100 илјади работници. Па, затоа ССМ бара од Владата минималецот да се зголеми за 3.000 денари, односно на 18.000 денари, тој да биде 60 отсто од просечната плата и да го следи растот на цените, односно инфлацијата.

Според претседателот на ССМ, Дарко Димовски, платите мора да го следат трендот на раст на цените.

„Како што статистички растат платите и животните трошоци, така треба да расте и минималната плата. Факт дека ни оваа, ни платата од 18.000 денари нема да ги покрие месечните трошоци на семејствата, па дури и ако работат двајца. Нашите анализи покажуваат дека 110.000 вработени примаат минималец од 15.000 денари“, вели Димовски за ММС.

Владата ветува дека годинава ќе ја качи минималната плата на 18.000 денари, но без конкретни информации кога, при притисок во исто време од Организацијата на работодавачи, според која нема услови за раст на платите.
Последните податоци од Државниот завод за статистика покажаа дека во 2021 година, инфлацијата изнесувала 4,3 отсто во споредба со една годна претходно, како последица на растот на сите цени на прехранбени производи, како и на горивата. А, таа уште ќе расте, ако се знае дека од јануари годинава скокна цената на струјата за речиси 10 отсто и на парното за 14 отсто.
Податоците на Народната банка за октомври 2021 покажуваат дека кредитите на физичките лица, потрошувачките и станбените, бележат годишен раст од 6,3 отсто и од 16 отсто. Додека лани граѓаните подигнале т.н брзи кредити од финансиски друштва во износ од 66 милиони евра, сума што е за 10 милиони евра повисока од таа што ја земале во 2019 година.

Маја Томиќ


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1