ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 11/26/21 1:43 PM

„Животот е се поскап, а платите тапкаат во место“ – Само парите и односот на странските газди ги задржаа младите дома

Промените на пазарот, смената на генерации и поинаквите животни навики и размислувања, се  само некои од причините за се помасовното прифаќање на работа од дома. Посебно кај младите генерации. Да најдеш работа што те исполнува и плус да ти носи и пари, зарем тоа не е сечиј сон. А за да го оствариш ова треба да заминеш од државава, што го направија многу млади, но дел од нив, не така мал број, успеаја да најдат работа во странски фирми, да земаат плата како на Запад, но да си останат во татковината.

Работа од дома за странска фирма, стана секојдневие во последниве години. Интересен предизвик за нив се бројните понуди во онлајн огласите за работа од разни странски компании. При тоа, не толку образованието, колку компјутерските вештини и познавањето на странски јазици, умешноста да се препознае добра понуда за работа, се пресудни фактори за старт. Но, не помалку важна е и висината на платата што им се нуди, која секако е  многу поголема од онаа што ја даваат македонски фирми, флексибилноста на работното време, шансите за креативност и за напредок во кариерата.
Горе-долу тоа би биле и предизвиците што ги инспирираа тројцата млади луѓе со кои ММС разговараше и кои си ја раскажаа својата приказна. Сите се задоволни од својата работа и засега не помислуваат да ја напуштат земјата и да продолжат со работа и живот надвор од Македонија.

Сакав нешто ново, а односот работодавец-вработен беше пресуден

Ј.Л. (30) од Скопје, работник во Букинг (Booking):
-Работата онлајн почнав да ја работам кон крајот на 2019 година. Главната причина за оваа одлука беше тоа што сакав нешто поинакво, да научам нешто ново, бидејќи претходната работа ми беше многу монотона, и не ме исполнуваше. Имам завршено високо образование, поточно на катедрата на филолошкиот факултет. Претходно работев за македонски компании, но сакав да променам нешто и сосема случајно најдов работа онлајн, хонорарно во странска компанија. Се разбира дека и платата беше фактор, но не би рекла и главниот мотив. Работам 5 часа дневно, 3 дена во неделата, вели нашата соговорничка и додава:

– Со оглед на тоа дека имам флексибилно работно време, можам да се посветам и на приватниот живот, да одам на кино, во театар, да патувам и да се видам со моите најблиски. Предностите со ваквиот начин на работа од дома е што е флексибилно работното време, а пред се и односот помеѓу работодавач и вработен. Ова според мене е најголемата предност. Секој работник сака да е продуктивен, да додаде нешто вредно во неговата работа во компанијата каде што работи, но исто така и да е почитуван од својот работодавач. Од друга страна, понекогаш ми пречи работното време поради временската разлика, како и физичко присуство со колеги во канцеларија. Засега се чувствувам исполнето, работодавачот ги прифаќа моите идеи и со тоа се чуствувам креативно и сметам дека придонесувам за успешност на компанијата.

Компанијата ми нуди потенцијал за професионална надградба

Р.М. (29) од Битола е диспечер (Fleet Manager) за американска компанија:
-Се започна во средината на април годинава кога бев контактиран од регрутер и ми беше понудена шанса за тотално ново работно искуство, надвор од моите тогашни познавања. Интервјуто помина во најдобар ред и ми беше понудено да почнам со едномесечен тренинг во кој бев детално обучен. За тоа време забележав доста добар потенцијал за мојата професионална надградба, па решив да потпишам договор за работа. Имам гимназиско образование, се запишав на Филолошкиот Факултет во Скопје на Англиска Книжевност, но студиите се во мирување.
Моето прво работно искуство го стекнав во Катар, каде што поминав 5.5 години работејќи само со англиски јазик и таа работна навика имаше голема улога во одлуката на вработување во странска фирма, како и повеќе шанси за повисоки месечни примања. Живееме во време кога секојдневниот живот станува се поскап и поскап, додека платите во нашата земја тапкаат во место. Големината на платата не беше единствена причина, сепак беше една од поголемите.
Работам 8 часа, пет дена во неделата. Предноста во ваквото работење е што 70 отсто од работата е комуникација преку телефон, а 30 отсто во панирање, што како личност која преферира директна комуникација и интеракција со луѓе, не ми одговара на моменти. Од друга страна, бидеќи се работи по американско време, од пладне до вечер, позитивно е што не мора да станувам рано, но во исто време негативна страна е што немам многу слободно време преку неделата. Бидеќи сум во контакт со голем број различни личности со различни очекувања на дневна база, секој ден е предизвик и никој не е ист како предходниот. Отсуството на монотонија е тоа што ме исполнува. Се работи тимски, и тоа е на беспрекорно ниво, па затоа, имам и доволно време за приватен живот.

Сам си ги одбирам работното време и најплатената понуда

М.М. (26) од Прилеп, графички дизајнер за повеќе фирми:
Главната причина поради која започнав да работам како графички дизајнер за странски фирми, покрај креативноста, беше и поради слободата да работам од дома (без разлика каде се наоѓам). Како freelancer почнав во 2017 година и истото го работам до ден денес. Завршив две академии за графички и веб дизајн што траат по една учебна година. Буџетот што го имаат странските клиенти за вакви услуги, за разлика од домашните, сепак се голема мотивација за мојата работа, кога станува збор за градење на кариера.
Мотивот за работа од дома за секого е различен, мене лично повеќе ми одговара поради поголемата слобода. Временските разлики не ми се проблем, затоа што работам на проекти со однапред договорен тајминг и цена, па сам си го одредувам работното време и ја одбирам најдобрата понуда. Односно, работам со различни клиенти, на различни проекти. Имам определено време до кога треба да се завршени проектите, па според тоа и си го планирам моето слободно време. Може да се случи некој ден да работам 3-4 часа, а нареден ден да бидат 10. Да работам седум денови без прекин, или два-три…Со ваквиот тајминг, имам многу добар баланс помеѓу приватниот живот и работата, што исто така е една од причините поради кои избрав да го работам ова.

Маја Томиќ

Фото: www.freepik.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1