ММС

Објавено на: 08/12/21 2:40 PM

Повеќе од половина од водата за пиење ја снемува – комуналците се покажаа лоши домаќини

Намалување на достапните количини вода во државата е една од веројатните последици на климатските промени за следните години. Ова се коси со верувањето дека овој простор, богат со чиста вода за пиење има доволни количини и за најтешките времиња. Летото 2021 докажа колку можеме да бидеме во заблуда.

Фото: overshoot stock photos

Поради тоа, особено важен е односот кон водените ресурси. Ако се суди според стопанисувањето на јавните претпријатија, задолжени за водоснабдување на градовите и населените места, системите се целосно неподготвени за новата реалност, диктирана од климатските промени. Имено, се’ уште е голем процентот на загубата на водата за пиење, која се движи дури до 80% од општина до општина, што е повеќе од двојно од светските загуби на вода(Извештај на Светска банка). Едвај за само два отсто е намалена загубата на вода во изминатите неколку години. Јавните претпријатија се покажаа како лоши домаќини со се’ поограничените ресурси на питка вода за пиење, додека рамо до рамо со индустријата во односот кон реките и истурањето на отпадна, непрочистена вода, директно во речните корита. Северна Македонија останува на дното во Европа по бројот на пречистителни станици во отпадната вода, заедно со  Србија, Косово и Албанија. Во земјава се прочистува помалку од 22% од отпадните води, за разлика од лидерот Австрија, со 99,8% на прочистени отпадни води.  При тоа, најголемиот дел од јавните претпријатија загадуваат, односно испуштаат непрочистена одпадна вода во реките беа дозвола, како што налага законот. Според анализата на Институтот за комуникациски студии, „од вкупно 36 јавни претпријатија коишто вршат услуги за собирање и одведување и/или прочистување на отпадни води, дозвола за испуштање имаат само четирите јавни претпријатија и тоа од Струмица, Берово, Македонски Брод и Кочани“ (студија „Евиденција на притисоците врз водните ресурси: Кој ги загадува водите во Македонија“? Кампања за застапување и лобирање „Разбистри се“ на проф. д-р Билјана Пулеска Јанушевска м-р Дејан Андонов, ИКС 2021).

Фото: Википедија

Тоа се фактите,коишто во овој текст, ги прикажуваме низ примерот со работата на јавните претпријатија за дистрибуција на вода и загадувањето на реката Брегалница, како најголема притока на Вардар, која го обединува источниот регион со над 230.000 жители.

Само една голема пречистителна станица во Истокот

По течението на Брегалница, од која се’ уште вода за пиење се обезбедува за жителите на Општина Штип, има само една голема пречистителна станица, таа на Општина Кочани во селото Мојанци, која е проектирана за отпадна вода од 65.000 жители.

ПОС Мојанци – Кочани
Пречистителната станица за отпадни води е изградена на површина од 11 хектари, на најниската гравитациска точка на вливот на реката Масалница во Брегалница и ги прочистува водите од 9 испусти од Оризари до Подлог, собрани во главен колектор долг 12 километри. Станицата, за чија изградба се потрошени 23 милиони евра, има целосно автоматизиран оперативен процес за третман на отпадни води од домаќинствата и индустријата. Проектираниот капацитет на Станицата е 65 000 еквивалент жители. Покрај Општина Кочани, кон станицата се очекува да се приклучи и Виница, за што се работи физибилити студија. Станицата е пуштена во употреба во 2019 година.

Најголемата општина по течението на Брегалница, Штип, нема пречистителна станица и отпадната вода преку неколку поголеми колекторски системи завршува во речните води.

Долго време, пред изградбата на пречисителната станица во Кочани, единствена поголема станица беше таа во Берово, која од 2010 година, кога е изградена, работи со проблеми поради високите трошоци.  Проектиран за 19.000 жители, кон системот се приклучи и Општината Пехечево, која, според извештаите од Советот на Општината Берово, се покажа како нередовен плаќач на услугите, па товарот премина на беровчани, пред кои до 2023 година престојат три поскапувања на тарифата за третман на отпадната вода (извештај за работа на ПОС Берово 2020).


ПОС Берово
По течението на Брегалница работат уште три помали пречистителни станици и тоа во селата Спанчево за 1200 жители, Карбинци за 1100 жители и Кучичино за 700 жители.

Општините се жалат на високите износи на струја што ги плаќаат за третман на отпадните води, додека Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која ја утврдува висинатата на цените, објаснува дека во пресметаната цена влегува и инвестирањето во инфраструктурата.

Пречистителните станици, како што објаснуваат од општините, се скапи и обемни капитални инвестиции, што не би можеле да се изградат без донаторски пари. Пример е кочанската, за која пари обезбеди Швајцарската конфедерација, која учествуваше со 21 милион евра, што ја чини најголемата швајцарска донација во изминатите 25 годни во државата. Швајцарците, како што објаснува градоначалнинкот на Делчево, Горан Трајковски, донираат средства за изградба на нов водоснабдителен систем во Делчево. Во план е изградба и на пречисителна станица за отпадни води, кои сега низ неколку колектори завршуваат директно во Брегалница.

– Со Швајцарска амбасада разговаравме кога ќе биде 50% изграден системот за водоснабдување, да почнеме со пречистителна станица за третман на отпадните води со цел заштита на животната средина. Немаме проект, ние ќе го правивме, но се прави физибилити студија за најсоодветно прочистување на отпадните води и верувам дека за две до три години ќе имаме станица за отпадни води, изјави Горан Трајковски, градоначалник на Општината Делчево.

Трајковски вели дека размислуваат за енергетското напојување, кое се покажа како главен проблем да биде со фотоволтаици. Според него, општинските пречистителни станици кои до сега се правеа, се нефункционални поради големите трошоци. Поради тоа, при проектирањето на новиот систем и филтер станицата, се доофрмување на градежната парцела со цел поставување на поголем број на фотовотаици.

Пречисистелната станица во Кочани, како што објаснуваат од Општината, освен користењето на зелената енергија, која донесе заштеда од 53%, произведува и биомаса, што е друг аспект на заштита на животната средина.

Во меѓувреме, додека да се најдат средства и изградат пречистителните станици и во останатите општини, Брегалница останува на врвот на најзагадените реки во државата.

Годишно се губи чиста вода за пиење колку што скопскиот водовод произведува во година ипол

Општинските комунални претпријатија, според ревизијата на Државниот завод за статистика во просек губат по над 60% од произведената вода за пиење. Во документот на ДЗР стои дека годишно низ системот се губи по 140 милиони кубици вода, што е двојно повеќе од светскиот просек од 30%. Ревизорите нотирале дека дека загубите поради кражби од нелегални приклучоци, губење на водата поради стари цевки и неисправни системи, неточни мерења, полевање јавни површини, фонтани и јавни тоалети. Илустративен за лошата грижа на јавното претпртијатие е ревизорскиот извештај на радовишкото комунално претпртијатие „Плаваја“.

 

Присутна е состојба на загуба на вода во системот за водоснабдување која изнесува 63% од испорачаната вода од филтер станицата во водоснабдителниот систем. Утврдивме дека приходите по овој основ се нецелосни, бидејќи количината на испорачаната вода во водоснабдителниот систем значително отстапува од количината на вода која е фактурирана на корисниците на истата. Во водоснабдителниот систем во 2019 година испорачани се 2.940 илјади м3 сурова вода за пиење, а фактурирани се 1.075 илјади м3 вода за пиење, што претставува 37% фактурирана количина во однос на испорачаната, односно регистрирана е загуба на вода од 63%. До денот на ревизијата со 73% од корисниците на услугите на ЈП “Плаваја“ се склучени договори, со кои се регулираат меѓусебните права и обврски, констатира ДЗР .

Во Извештај на Светската банка за одржливоста на испораката на општински услуги и финансирањето на нивната инфраструктура, ова се именува како „неприходувана вода“. Тоа е терминот за  целото количество на вода што е произведено од јавните претпријатија низ Македонија, а коешто се губи во водоводниот систем пред да биде испорачано до граѓаните или компаниите. Неприходувана вода, според овој Извештај, е 61% од произведената вода во Македонија, која не доаѓа до крајните корисници.

Луѓето не го сфаќаат значењето на вода, оценува Здравко Коцев, директор на ЈП „Исар“ од Штип, кое ова лето се соочи со неколку поголеми дефекти. Во текот на јули во време на екстремни темеператури два дена без вода остана половина град.

-Одредени луѓе не можат да сфатат што значи водата, а кога ќе немаат вода еден или два часа сфаќаат колку е битна водата. Ние Имаме 60% загуби на вода, што значи од произведените 100 литри, ја носиме од бунарите, со струја ја пумпаме, со струја ја носиме до резервоарите  и од тие 100 литри, 60 литри губиме. А цената ја сметаме за 100 литри.  Голем дел проблемот е во крадењето на вода,но и од загубата во самата инсталација поради застареност. Наместо  целиот профит да го наос.име кон реконструкција на тој застарен систем ние се бориме таа вода да се користи како треба и да си ја плаќаме, вели Коцев.

Надлежните институции препорачуваа поголема грижа за водата, чии најголеми потрошувачи остануваат индустријата и наводнителните системи. Препораките до јавните претрпијатија е да вложуваат во системи за подобра контрола на потрошуваачката на водата, контрола на нелегалните приклучоци, но и поголеми инвестиции во осовременување на водоводната инстралција и мерните инструменти, кои ќе покажат каде се губи водата, која полека ја снемува.

„Со овој прилог, ММС се приклучува кон кампањата „Разбистри се`”, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.”


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1