ММС

Објавено на: 08/10/21 7:00 PM

(Видео) Петел да застане на него, кога го пијам убаво ми е на душа – Кај Бранко во Дојран на мерак кафе сварено на жежок песок

Слушнавме дека на шеталиштето на градската плажа покрај Дојранското езеро, се подготвува турско кафе кое се прави на начин кој долго време не се практикуваше, барем во ова летувалиште кое што во едно време со дури 200 кафеџилници, беше и негов препознатлив знак. Варење кафе на начин како што тоа го прават во Турција и во арапските земји, варење кафе на жежок песок.

Сонцето жежи, жежок песок на плажата, а ние во потрага на жежок песок на кој се вари вкусно турско кафе.

Имавме среќа и го најдовме „виновникот“, човекот кој ја врати традицијата во Дојран, но и традицијата на неговото семејство, кое во едно друго време биле познати кафеџии.

Дојранчанецот Бранко Попов ни ја раскажа неговата приказна, интересна и несекојдневна.

„Подготвувам дојранско кафе на песок. Дојран бил град со околу 200 кафеџилници. Од тие кафеџилници, една возобновив само јас, варење на кафе на стариот начин, на песок. Поранешните направи за печење на кафе се викаат „катарџик“ и во него се печело кафето“, вели нашиот соговорник.


Тој се согласи за ММС да ни го презентира начинот на кој што го подготвува кафето.

„ Има специјален вид на кафе кое што се подготвува на овој начин. Кафето е донесено во Дојран во стариот град, трет  во Македонија. Прво во Солун, па во Кукуш, па во Дојран. Од секаде доаѓале луѓе да пијат кафе во Дојран. За дојранското кафе се велело: „Кафе донесено од далеку, петел да застане на него, кога го пијам, убаво ми е на душата“, раскажува Бранко.

„Алатките за подготовка на оваа кафе подготвено на древен начин, ги нема кај нас, тука нема кој да ги прави. Сите алатки се донесени од Турција,“ додава нашиот соговорник.

Има специјална лажица, или како што тој ја нарекува бркалка за кафето коешто е готово кога одозгора почне да белее. Додека се вари, џезвето постојано се „шета“ по песокот околу десетина пати. На тој начин кафето било уште повкусно.

Бранко е единствен подготвувач на вакво кафе во Дојран, но тоа не е неговата единствена понуда за посетителите и туристите. Маслинки, мед, тревки, слатко и џемови ги привлекуваат погледите на сите они кои што поминуваат покрај неговата кафеџилница. На малите симпатични маси и столчиња, задолжително саксија со босилек и маслинови гранчиња.

Кафето подготвено на жежок песок го пробавме и ние, ни го подготви нашиот соговорник и домаќин. Вкусот и впечатокот беше неверојатен. Би било штета да дојдете во Дојран, а да не го вкусите кафето подготвено на овој „жежок“ начин.

На здравје!


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1