ММС

Објавено на: 02/3/21 3:20 PM

Кога граѓаните ќе го победат (корумпираниот) систем

Девет месеци по одземањето на концесиите на каменоломите во струшко Лабуншта, жителите конечно спијат мирно, без вообичаените ноќни детонации со минирањето со ТНТ. Се смени и бојата на природата, а дрвјата и листовите на растенијата од бели станаа зелени. Конечно се дише. Без прашина, а тешкиот воздух го замени планинскиот помешан со езерската свежина.

Во мај 2020 година, Владата донесе одлука за одземање на концесиите за експлоатација на минирални суровини на пет стопански субјекти, а се запре постапката за три нови. За жителите тоа беше бесценето извојувана победа по месеците, па и годините на протести и кампување пред каменоломите на врвот на околните ридови. Сепак, граѓанскиот отпор, според нив, не бил примарен за одлуката, иако имал влијание.

Гласот на лабуништани пресуден на изборите 

-Одлучи моментот на приближување на Предвремените парламентарни избори. За да биде појасно на јавноста, Лабуништа одлучува кој ќе биде градоначалник, кој ќе биде новиот пратеник од Струга. Политичките партии тоа добро го знаат и конечно го слушнаа гласот на граѓаните. Свесни бевме дека на крај политиката ќе го реши нашиот проблем, вели Алим Салиловски од АД „Натура лаб“.

Салиловски објасни дека поинаку се гледа на работите кога дозволите за концесии се издаваат од канцеларија, а просторот се гледа преку ГПС системот.

-Најчесто дозволите така се издаваат. Некој административец од компјутер оценува дали некој ќе добие дозвола за уништување на природата, а животот, природата, живите луѓе и нивните потреби се некаде во позадина. Кога ќе дојдат на терен и ќе ги видат десетметарските дупки, напукнатите домови, ќе ја видат прашината и соголените ридови, поинаку реагираат, дециден е Салиловски.

При објавувањето на одлуката за одземање на концесиите, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека лично се уверил во шететите со кои секојдневно се соочуваат жителите во ова село, предизвикани од работата на каменоломите.

-Овие концесии се одземени со цел да се заштити здравјето на локалното население, но и на животната средина во овие региони. За време на вонредната состојба настаната заради епидемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, жителите на селото Лабуништа продолжија да ги доставуваат барањата за одземање на доделените концесии за експлоатација на неметалични минерални суровини во близината на селото, до Министерството за економија. Укажувајќи при тоа и дека настанатата прашина при минирање, експлоатирање, сепарирање и транспорт на минералната суровина значително го нарушува здравјето на жителите на селото“, кажа Бектеши.

Примерот со Лабуништа е еден од многуте за деградација на природата, а еден од малкуте со среќен крај за жителите.

Од издавањето на концесии за екплоатација на минералните суровини добива државата, општините и инвеститорите, но не и жителите, кои што живеат во непосредна близина на инсталациите. Овие инсталации, се жалат граѓаните, буквално им го уништуваат секојдневието и најважното, здравјето. Во тој систем на издавање на концесии за експлоатација на минерални суровини како и на дозвола за работа има многу користење на дупки во законот,негово неспроведување, празнини во законските решенија, кои се злоупотребуваат, па дури и негово заобиколување. Во случајот со работењето на каменоломите, во текот на истражувањето и анализа на документацијата, наидовме на случаи во кои работеле без еколошка дозвола, преземање на бизнисот од друга фирма, па дури и работа без дозвола.

Така на пример,  на една од фирмите конеционер на каменоломите во Лабуништа „МИ-Транс“, на Б-интегрираната довола која што ја издава Општина Струга во времетраење од седум години и’ завршила важноста до јули 2018 година. Следната е издадена  по речиси  1,5 година. Во меѓувреме, активностите на фирмата на каменоломите воопшто не е запреле. Жителите реагираат на фактот дека сето ова институциите го толерираат.Тие реагираат и на тоа што објавите за јавна расправи како една од задолжителните  активности во издавањето на Б-интегрираните еколошки дозволи воопшто не биле транспарентни, па најчесто за нив дознавале кога веќе било доцна да се интервенира, или воопшто не се организирале.

Судот одработува

Профитот на фирмите концесионери, е остварен на сметка на деградација на природата, но пред се’ на сметка на здравјето на луѓето. Според Лилјана Поповска од „Зелен институт“, се работи за систематски недостатоци во начинот на издавање на концесиите, при што како што вели „со право имам соменавање на присуство на корупција и кај институциите и кај поединци“.

– Илустративен е случајот со концесијата кај рудникот за злато во Иловица, каде гледам судски ујдурми. Од анализа на сите постапки и документи, имам право да се сомневам во корупција. Судот очигледно одработува и во овој случај е дефинитивно платено. Граѓаните се во грч што судот ќе одлучи на нивна штета, изјави Поповска.

фото:Еуромакс ризорсис

Таа подолго време го анализирала и случајот со рудникот за бакар Казандол. Овде, според Поповска треба да се бара одговорност и кај стручњакот, кој ја изработил Студијата за еколошкото влијание на рудникот и Министерството животна средина и просторно планирање, кое и покрај наведените штетни влијанија, ја одобри оваа студија и ги издаде неопходните документи за отворање на рудникот.

-На крај пресуди правно – административна недоследност, односно непочитување на роковите и врз основа на законот им се одзеде концесијата. Во Студијата тој стручњак што ја напишал, вели дека ќе има огромна дупка полна со сулфурна киселина со ризична процедура на работење. Потоа дека таа дупка е на 500 метри од плодното Вландовско Поле и градот. Ќе има прашина, бучава, загадени води и почва. Се дава скандалозна оценка за влијание по животната средина и животот на граѓаните, а сепак на крај се вели – „но нема да има последици по животот на граѓаните“!, вели Поповска.

Издавањето концесии за експлоатација на минерални суровини се врши со голем интензитет

Така, на пример, во 2019 година се издадени 358 концесии, а во 2020 година 362 концесии (Регистар за договори за концесија, 2020). Студиите за оправданост на концесиските проекти ги изработуваат самите инвеститори за поединечните локалитети, а не се спроведува стратегиска оцена за влијанието на животната средина за сите локации што се предмет на тендерската документација. Доколку би се спроведувала стратегиска оцена на животната средина, би се направила споредба помеѓу придобивките за локалното население од експлоатацијата на минералните суровини и други намени на користење на земјиштето. Наспроти тоа, при доделувањето на концесиите се применуваат само критериумите за достапност на геолошките резерви и за исплатливост.

Во текот на постапките се случувало да се доделат концесии и во подрачја предложени за заштита, односно предложените локации за експлоатација на минерални суровини да бидат во границите на подрачја за кои не била завршена постапката за прогласување за заштитени подрачја, и покрај евидентните природни вредности што можеле да бидат нарушен. Досега не е издадено ниту едно решение со кое се одбила некоја студија за оцена на влијанијата врз животната средина за рудник (кампања „Разбистри се“).

Коалицијата од граѓански организации и медиуми „Разбистри се“, успеа да издејствува повлекување на Законот за минерални суровини од процедура. Претставници на оваа коалиција, граѓански активисти влегоа во работната група за измена на законот. Меѓу главните забелешки на овој закон се давањето на дискреционо право на министерот и централната власт, сепак да ја издаде концесијата и покрај противењето на граѓаните и општината, каде ќе никне одредена загадувачка инсталација со штета по животот на грѓаните и прородата.

-Главниот одлучувачки фактот за една концесија треба да биде оној што ќе трпи последици од работата на тој капацитет, т.е. населението што живее на тој простор. Законот, вака напишан и целата постапка, ги потценува граѓаните. Бараме и зголемување на износот на концесијата. Зошто само 7% да плаќаат рудниците, кои остваруваат голем профит?, прашува Костадин Ристоманов од Зелена коалиција.


фото:Еуромакс ризорсис

Како лош пример на стопанисување на државата, вградено во овој закон, Ристоманов ја истакнува концесијата за инсталација на само 50 метри од изворот Рашче, од каде со вода за пиење се снабдува цело Скопје. Според него, ова е типичен пример за тоа како не се води сметка за изворите на вода за пиење на граѓаните.

Граѓански непокор

Претстои уште една од многуте битки за подобра и почиста животна средина преку измена на Законот за минерални суровини. Жителите на Лабуништа имаат две битки пред нив. Едната е пресметка со соголувачите на шумите на прекрасната Јабланица, национален парк од албанската страна на границата. Втората е таа со остатоците од делувањето на каменоломите. По ридовите околу нив имаат дупки длабоки и по десет метри што треба да се покријат. Размислувале да ги повикаат луѓето од околните села, па и општини да донесуваат шут, но се плашат дека така ќе ги претвори ридовите во диви депонии. Секако ќе пошумуваат. Никој од институциите не ги известил дека Законот за минерални суровини го задолжува концесионерот да ја поправи деградацијата на природата. Освен тоа, со средства од уплатениот надоместок од концесијата, државата има обврска.

-Министерството за економија треба да им нареди на концесионерите да ги санираат и пополнат дупките и да го рекултивизираат просторот, потсетува Лилјана Поповска од „Зелен институт“.

Еколошките активисти велат дека здружениот граѓански отпор единствениот начин да се поправат работите што институциите, државата, поединци од тие институции, свесно кршејќи го законот, им овозвможуваат делување на капацитети штетни по животот на населението и природата. Полека и судот почнува да се менува. Но, граѓаните, како што велат, не смеат да престанат да инсистираат на правата на живот во чиста животна средина.

фото:ФБ Натура лаб

„Со овој прилог, ММС се приклучува кон кампањата „Разбистри се`”, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.”


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.