– ММС
ММС-Стории

Во чии раце е земјоделието-земјоделците или зелената мафија?

Со распаѓањето на големите земјоделски комбинати во државна сопственост, огромни земјоделски плодни површини останаа необработени. Со цел надминување на овие состојби, но и за намалување на бројот на невработени лица кои по разни основи останале без работа државата започна да ги издава овие слободни земјоделски површини. Со текот на годините се менуваа условите за издавање на плодното земјиште, за да со зголемувањето на висината на субвенциите  се зголемуваше и интересот за земање под концесија на што поголеми земјоделски површини, па така земјоделци станаа и политичари, професори, бизнисмени чии бизниси немаат допирна точка со земјоделието. Токму поради тоа многу од закупците и покрај тоа што е незаконски, тие површини ги издава под наем на други лица а тие ги земаа и субвенциите и парите за закуп. Со новите поволности што ги даваше државата, се отворија и можности за сериозни инвеститори, кои што ќе вложуваат и во производство но и во изградба на преработувачки капацитети, но некои од нив се одбиваат за погрешни наслови, технички грешки или печати кои што стоеле на погрешно место а за сето тоа апликантите да нема каде да се пожалат.

Распределбата на земјоделското земјиште е една од најболните теми со кои што се соочуваат македонските земјоделци. 77% од нив сметаат дека има злоупотреби при доделувањето и користењето  на државното земјоделско земјиште. Многу често тоа се узурпирало од страна на локални моќници, се делело под партиски клуч, а за наго најчесто не се плаќало ниту закупнина. Земјоделците реагираат, зошто кога аплицираат никој не им кажува зошто се одбиени, ниту кој го добил земјиштето.

Сите овие констатации се дел од истражувањето кое што го работеше граѓанското здружение „Рурална Коалиција“, водено од фактот што многу тешко може да се најде некој кој што отворено ќе зборува на оваа тема. Истражувањето вели дека кај земјоделците владее  страв јавно да кажат каде завршува државното земјоделско земјиште. Се плашат дека ако говорат пред медиумите ќе ги изгубат субвенциите или дека ако имаат добиено државно земјоделско земјиште ќе го изгубат и него.

„Зедовме два пилот региони-Пелагонискиот и североисточниот плански регион. Во пелагонискиот регион има доста моќници кои успеале да земат дел од парцелите таму. Она за што сведочеа земјоделците е дека често пати самото земјоделско земјиште се дава да се земе како огромна парцела на оглас, зошто ако станува збор за над 3 хектари има електронска аукција, која земјоделците речиси и да не ја познаваат. Тука учество земаат поголемите комбинати или  поголемите преработувачки капацитети кои добро се запознати со овие сегменти и најчесто тие се тие кои ги добиваат атрактивните поголеми парцели. Многу често, бидејки тие парцели се оддалечени од местото каде тие делуваат, ваквото земјиште се дава во подзакуп на локалните земјоделци или на локални претпријатија што согласно законот за државно земјоделско земјиште не е дозволено, односно оној кој учествува на огласот и го добива земјиштето тој е обврзан да го работи и во никој случај  не треба да се дава во подзакуп,“ вели Лилјана Јоноска од „Рурална коалиција“

Не подобра е сликата и во Карбинскиот регион, иако тој и Светиниколскиот се меѓу првите региони во државата во кои Министерството за земјоделство ,шумарство и водостопанство започна со спроведувањето на „земјишната реформа“. Карбинскиот градоначалник Јордан Насев, вели дека со револтот на земјоделците од овој крај се соочил уште во првите денови од стапнувањето на функцијата градоначалник. Тој тврди дека узурпација на државно земјоделско земјиште има и денес но сепак се  надева дека сепак ќе се  стави ред, зошто во спротивно губат не само земјоделците туку и општините кои што земаат 50 % од надоместокот што се плаќа од закупнината, но само во случај ако е извршена наплата на 80% од издаденото под закуп земјиште.

Еден од проблемите на кои што укажуваат земјоделците е тоа што во Подрачните единици на Министерството не можат да ги добијат потребните информации за слободното земјиште во државна сопственост и дека најчесто користат информации врз основа на лични контакти или „врски“ со вработените  од  Подрачните единици на Министерството. Таква информација не добивме и ние на нашето барање упатено до штипската Подрачна единица, која што го регулира штипско-карбинското подрачје.Образложението беше дека им е забрането да даваат такви информации и бевме упатени, директно прашањата да ги доставиме до портпаролот на Министерството. Иако прашањата беа пратени, информациите не ги добивме. Во една од изјавите на Министерот Трајан Димковски, одговорот за оваа прашање беше дека информациите можат да се добијат според законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Сепак не секој има можност да постапува на овој начин а според искуството на ,,Рурална коалиција“ иако побарале информација на овој начин сепак не го добиле.

Како заменски министер во оваа министерство и Министерот Цветан Трифуновски како што ни изјави исто така не успеал да ги добие потребните информации за моменталната земјишна политика на Министерството за  што образложението било  дека – Секторот не располага со податоци бидејќи не е воспоставен апликативен софтвер и информатички систем во делот  на регистрирање и управување на земјоделското земјиште.

Сепак тој на  прес-конференција  обелодени случај во кој едно земјоделско земјиште е доделено под концесија на две различни лица.

На  26.декември 2018 година Љупчо Николовски како тогашен министер за земјоделство шумарство и водостопанство склучува договор за закуп на државно земјоделско земјиштес во КО Нова Брезница, Кисела Вода со лицето Г.Ѓ. со времетраење од 70 години.

На ден 1 јули.2019 година, овој пат Трајан Димковски во улогата на министер за земјоделство шумарство и водостопанство склучува договор за закуп на истото земјоделско земјиште кое веќе се наоѓа под закуп, овој пат на лицето В.Т. Договорот е склучен без претходниот да биде раскинат.

Линк од склучените договори

,,Формално-правно и двата договора се во правна сила, а и на двата договора како потписник – согласен административниот службеник стои Жанета Горгиевска, која важи за десна рака на Николовски и Димковски.“,вели Трипуновски.

Тој тврди дека процедурите се прекршени уште во процесот на објавување. Пред воопшто да биде објавен оглас, МЗШВ преку допис ја контактира Подрачната единица во населеното место каде што се објавува огласот со цел да се информира дали конкретното земјиште е слободно или под закуп. Во конкретниот случај не е пуштен допис до подрачната единица во Кисела Вода која што е надлежна за овој случај.

На овие обвинувања реагираа и од Министерството, во кое што тврдат дека формално правно сопственик е лицето кое што прво го склучило договорот, останатото е ,,недоразбирање“.

Реакција од МЗШВ

МЕНАЏИРАЊЕТО СО ДРЖАВНОТО ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ТРЕБА ДА СЕ ДОДЕЛИ НА ОПШТИНИТЕ

Според информациите со кои што располага  градоначалникот на општина Карбинци, Јордан Насев ,оваа рурална општина располага со околу 10 000 хектари  површина со ораници, 5000 хектари шуми, 5000 ливади или пасишта. Дел од овие површини се во државна сопственост и ги менаџира Министерството за земјоделство.

„ Ние имаме капацитет да менаџираме со земјоделското земјиште и мислиме дека ќе бидеме многу подобри домаќини доколку се грижиме за нашето земјите, за правилна распределба и контрола. Факт е дека сега имаме узурпација на земјиште, факт е дека има големи површини што не се обработуваат, меѓутоа имаме реални проблеми во катастарот, проблеми во евидентирање на земјиште и еден од најгорливте проблеми, распределбата на ова земјоделско земјиште,“вели Насев

И покрај новите огласи за распределба на земјиштето ,додава Насев, земјата  и понатаму се узурпира, посочувајќи и некои од локациите.

Земјоделец  од карбинско  кој што обработува земјиште од овој атар   и кој сакаше да остане анонимен  признава дека  и самиот освен на свое  работи и на  узурпирано земјиште, вели  дека во овој регион има  најмалку шеесетина узурпатори, кои користејќи најразлични начини успеваат да  го изиграт законот. Оваа ситуација, според него се должи и на тоа што поради изминати договори веќе пет години не се распишувал повик за потпишување на нови. Нашиот соговорник инаку е и член на комисија за распределба на земјоделско земјиште во државна сопственост, но вели дека истата одлучувала за други региони, не за штипско-карбинскиот.

Со новите јавни  повици кои што се во тек,еден од нив дава можност земјоделците сами да ги откриваат слободните земјоделски површини, кои не се евидентирани а се државни. Според Насев, земјоделците успеале да лоцираат околу 200-300 хектари земјиште, но дали истите ќе бидат земени во обзир не успеавме да добиеме одговор од МЗШВ.

И додека некои од земјоделци преку овој оглас  гледаат можност да дојдат до земјиште, други гледаат нов начин на корупција.

,,Огласот е смешен.Земјоделците сами да детектираат слободни парцели до 3 хектари, кои не се веќе издадени и не биле предмет на денационализација па сами да аплицираме со геодетски елаборат. Ова укажува дека МЗШВ нема евиденција колку слободно земјиште има. Паралелно има и голем број мали парцели до половина хектар кои веќе се узурпирани а државата не води евиденција ,што значи не се наплаќа било каков закуп. Потребно е  во секоја  општина да се направи увид на лице место за  да се знае , каде има, колку има државно земјоделско земјиште, која категорија, се работи ли тоа земјиште, во каква кондиција се насадите. Има примери каде има земјиште земено по закуп, засадено и запуштено, ама субвенции се земат. Тие истите закупувачи, утре, задутре при откуп  имаат и предност пред ругите“, вели нашиот соговорник, Сачко Трајков, земјоделец од струмичко.

Градоначалникот на Свети Николе, Сашко Велковски вели дека  во координација со Подрачната единица на МЗШВ постојано се прави контрола и дека во светиниколско повеќе нема узурпација

,,Според пресметките што ги има направено општината, со узурпацијата и неплаќањето на веќе издаденото земјиште, општината па и државата губат многу пари. Ако ја земеме површината од 1200 хектари и дека во  просек се плаќа 90 евра по хектар закупнина  за земјоделско земјиште, 100 000 евра годишно се губи на ниво на општина и на ниво на држава.Тоа не се малку парични средства, се намалуваат приходите во општината, а со тие пари може многу да се придонесе“, додава Велков.

ИНСПЕКТОРИТЕ ГИ НЕМА НА ТЕРЕН, ШАПУРИЌ СО БРОЈКИ ДЕМАНТИРА

Земјоделците сметаат дека доколку инспекторите излегуваат почесто на терен ,состојбите би биле поинакви . Според директорот на Државниот земјоделски инспекторат, Зоран Шапуриќ, инспекторите биле постојано се на терен и дека само во 2019 година имале вкупно  49 000 интервенции.

Комисија во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство  е телото каде што инспекторите кои што утврдуваат неправилности ги испраќаат пријавите и ако има прекршување тука се донесува одлука за глоби.

Најлесно е велат инспекторите кога прекршителите.т.е узурпаторите ќе се фатат на лице место. Ако се утврди дека површината што ја обработува концесионерот одстапува од договорот се донесува решение за повлекување од узурпираните површини и се покренува постапка  за глоба и постапка за раскинување на договорот.

Ако инспекторот открие дека на земјиште дадено под концесија ,го обработуваат други лица во тој случај не се утврдува глоба туку предлог за раскинување на концесискиот договор.Ако се фати правнио или физичко лице да узурпира државно земјоделско земјиште кое не е  дадено под закуп, тогаш освен глоба се  издава и решение за враќање во првобитна состојба на земјиштето.

Познавачите на состојбите велат дека токму во овоа алка се користи моментот за продолжување на узурпацијата, решенијата од најразлични причини не се издаваат веднаш, па користејќи го ова узурпаторите си продолжуваат со своите активности , користење  и обработка на на земјиштето и собирање на плодовите.

Ако и по претходно поднесени решенија , узурпаторите не постапат по  донесените решенија, постапките преминуваат во судските инстанци.

Во однос на земјоделското земјиште во државна сопственост, информира Шапурич, во 2019 година биле извршени 2400 надзори, донесени се 80 решенија за констатирани неправилности, 302 решенија за едукација ,68 платни налози.

,,За овие платни налози по кои не е постапувано поднесени се прекршочни постапки а поднесени се и седум кривични пријави за противправно користење на земјоделско земјиште согласно Законот за земјоделско земјиште и согласно измените на Кривичниот закон. Од овие седум, четири се против еден сторител, за што обвинителството заедно со МВР треба да информираат до каде е постапката.Во однос на Штипско-карбинскиот регионот, извршени се  околу 90 надзори во 2019 година, издаден е еден платен налог, десетина едукации и една кривична пријава,“додава Шапуриќ.

ОКРУПНУВАЊЕТО НА ЗЕМЈИШТЕТО НОВО ПОЛЕ НА КОРУПЦИЈА ИЛИ ЗЕМЈОДЕЛИЕ ЗА ЕУ

Една од забелешките во извештајот на  Европската комисија во делот за земјоделие и рурален развој е дека треба да се разгледаат разликите помеѓу вкупната земјоделска површина и декларираните земјоделски парцели.

Земјоделците се прашуваат дали гломазната бирократска машинерија во МЗШВ ќе стави крај на коруптивната земјоделска политика која што ги одвраќа сериозните домашни и странски инвеститори, или и понатаму ќе биде само машинерија за распределба на субвенциите и за оние што заслужуваат и оние што не заслужуваат.Ова е само еден аспект на коруптивните појави  со кои  што се соочуваат македонските земјоделци. Таа продолжува и на повисоко ниво кога сериозни инвеститори со сериозни бизнис планови се соочуваат со елиминирања поради грешка во насловот, незаверена лична карта, печати и сл  и за сето тоа да нема каде да се пожалат.

Лограње

X

Регистрација