ММС

Ќе добијат ли штипјани, конечно, вештачко езеро или уште еднаш ќе бидат пренесени жедни преку вода?

Речиси шест децении граѓаните се надеваат на брана на реката Отиња, имаше многу иницијативи и проекти, од кој првиот беше уште пред четириесетина години, но поради неслогата и партиско-политичките игри пропаднаа, сега новата локална власт најавува конечна изградба на капиталниот проект со 7,5 милиони евра од државниот буџет

Пишува: Љупчо Шатевски

И по повеќе од половина век од првите иницијативи и по речиси четири децении од изработката на првиот проект, штипјани се’ уште чекаат да ја видат браната на реката Отиња, односно вештачката акумулација на периферијата на градот, која треба да обезбеди пријатно место за рекреација, да ја промени микроклимата, да даде техничка вода за наводнување, особено на парковите површини во градот, но и континуирано да обезбедува вода во коритото на Отиња што минува низ центарот на градот, кое речиси половина година, особено лете, е суво зашто реката во тој период пресушува.

Секое ново ветување граѓаните сега го примаат со резерва

Имаше премногу ветувања и неуспешни обиди, поради што граѓаните повеќе не веруваат, па и на секоја нова иницијатива за изградба на овој капитален проект гледаат со голема разерва и повеќе како да ја сфаќаат на шега. Штип остана еден од ретките градови во земјата што немаат вештачко езеро, па штипјани на рекреција, риболов и лете на капење одат на акумулациите во соседните општини, од кои најблиските им се на триесетина километри.

Нов обид за изградба на браната најави новата локална власт предводена од СДСМ. Ова лето беше ветено дека акумулацијата ќе се гради со пари од државниот буџет во висина од 7,5 милиони евра. Потоа беше соопштено и оти првите пари се предвидува да стигнат со ребалансот на буџетот до крајот на годинава.

– Браната на Отиња ќе даде нова реалност, нов квалитет на Штип. Многу малку луѓе досега веруваа дека тој објект ќе стане реалност. Некогаш имало желба и визија, но немало проект и пари. Сега има и желба и визија, а има и проект и пари. Најавивме изградба на овој капитален објект. Тоа ветување е преточено во буџетот за 2020 година, кој е во собраниска процедура. За изградба на браната во 2020 година се предвидени 200 милиони денари или нешто повеќе од 3,2 милиона евра. Очекувам во 2020 да поставиме камен-темелник на браната и да изградиме сериозен дел од неа. Упатувам благодарност до Владата и до премиерот Заев за одвоените средства. Ова е значајна, огромна поддршка за нашиот град – изјави деновиве штипскиот градоначалник Благој Бочварски.

Веднаш потоа на Фејсбук се огласи првиот човек на штипскиот разгранок на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов, кој смета дека се работи за замајување на јавноста пред парламентарните избори што треба да се одржат во април и оти работите биле сомнителни штом наместо за ветените 7,5 милиони евра, од кои првите пари требало да стигнат до крајот на годинава, сега се зборува за 3,2 милиона евра од државниот буџет за 2020 година.

Изградбата на браната се предвидува да трае две години

За браната сега имало готова техничка документација, а од поодамна е влезена и во Генералниот урбанистички план. Општинските служби работеле координирано со Министертсвото за транспорт и врски со цел да се добие градежна дозвола за изградба, по што ќе може да почнат тендерските постапки. Езерото треба да биде со капацитет од три милиони кубни метри вода, а предвидена е и мала хидроцентрала. Се предвидува изградбата да трае две години.

Долга е историјата на обиди за изградба на брана во општината Штип, почнувајќи од првите иницијативи во почетокот на 1960-тите. Повеќепати се истражуваше дали Отиња ќе има доволно воден потенцијал за акумулација. Првиот проект за брана на Отиња пред речиси четири децении го изработило тогашното штипско проектантско претпријате „Мегапроект“. Во 2002 година имаше нов проект, според кој акумулацијата на Отиња би имала капацитет, исто од три милиони кубни мери вода, а изградбата се предвивуваше да чини 2,5 милиони евра.

Самопридонес, референдуми…

Од 1992 до 1997 година штипјани преку самопридонес собраа и 1,5 милион евра за изградба на брана на Козјачка Река, која тогаш, пред осамостојувањето на помалата општина Карбинци, беше на територијата на општината Штип. Оттогаш парите стојат на сметка и се значително обезвреднети, а една третина од нив им се позајмени на штипските јавни комунални претпријатија. За пренамена на тие средства ќе биде неопходен референдум.

Такви референдуми имаше досега, но, поради неслога и партиско-политички игри, завршија неуспешно. Во 2000 година заостанатите 90 милиони денари од самопридонесот беше предложено да се искористат за изградба на спортска сала за 3.000 гледачи. Општинската власт што тогаш ја имаше ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека референдумот успеал, но, поради „нашминкан“ резултат, Апелацискиот суд го поништи. Во 2004 година тие пари требаше да се пренаменат за брана на Отиња. Но, поради притаен бојкот и фракциски битки во редовите на СДСМ, од чии редови беше градоначалникот, како и поради одмазда на ВМРО-ДПМНЕ за опструкциите на референдумот од 2000 година, на гласање излегоа само 40 осто од граѓаните, иако изградбата на брана на Отиња имаше масовна граѓанска поддршка.

Изградбата на брана на Отиња повторно стана актуелна пред неколку години откако се најде во програмата на Министерството за земјоделство. За нејзина изградба тогаш се предвидувааа 2,6 милиони евра, а 11 милиони евра беше предвидената инвестиција за поголемата акумулација Баргала на Козјачка Река во соседната општина Карбинци. Но, ништо и од тоа.

Канцеларијата на штипските градоначалници полна со документи поврзани со браната на Отиња: Актуелниот градоначалник Благој Бочварски сега (горе) и поранешниот Зоран Алексов пред десетина години (долу)

Во канцеларијата на штипските градоначалници со години стојат купишта документи поврзани со изградбата на брана на Отиња. До кога ќе биде така? Дали оваа последна иницијатива ќе даде резултат? Штипјани не би сакале уште еднаш да бидат пренесени жедни преку вода.

СИ ПОДАДОА РАКА, НО НАИДОА ИЗБОРИ И…

Во октомври 2010 година претседателите на разграноците на политичките партии што имаа советници во Советот на Општината потпишаа меморандум и симболично сите си подадоа рака со заостанатите 1,5 милион евра од самопридинесот 1992-1997 да почне да се гради браната на Отиња. Тој чин го оценија како најуспешен и можеби единствен меѓупартиски договор за нешто стратегиско во последните две децении во Штип.

Октомври 2010 година…

Со заедничкиот став, партиите требаше да побараат од граѓаните да го дадат своето „да“ на референдум за пренамена на заостанатите пари од пред 15 години. Но, набрзо потоа, во 2011 година, имаше парламентарни избори, па се заборави и на референдумот и на браната.