– ММС
Вести Македонија ММС-Стории

Руралните жени бараат водоводи, канализациони системи и организиран превоз

Само пет отсто од жените во руралните средини имаат имот на свое име. Тоа е една од пречките за пристап до фондови и воопшто до економско зајакнување. Ова е една од поентите на конференцијата која се одржа во Свети Николе, каде се пренесоа искуствата на руралните жени од Вардарскиот регион

Не е од сега практиката имотот на семејствата да се препишува на машките наследници. Дури традиција е девојките во семејството со машки наследници да не добијат ништо. Кога се добива имот во брачната заедница, тогаш логично е да биде на името на сопругот. Тоа се стереотипии, кои оставаат економски последици по жените, особено во руралните средини.

Овие го потврдува Сузана Димитриевска, носител на земјоделско стопанство во Овчеполско, која вели дека ова повлекува цел ланец од недоследности, кои водат кон неможноста за економско издигнување. Првиот проблем е немањето на имотен лист.

-Голем дел од жените немаат имот на нивно име и доколку сакаат да почнат свој бизнис ќе мора да подлежат на други околности, како убедување на семејството и сл. , за да можат да започнат со бизнис, што е многу тешко. Поради тоа што немаат свој имот и не се вклучени во донесувањето на одлуките, често пати тие не можат да ги искористат сите поддршки што ги дава државата за нив. Освен тоа, систмеот на поддршка во рурални средини е доста слаба. Така што, многу жени од руралните средини  и да сакаат да почнат свој бизнис зависни се од системот, како градинки, немаат време да готват и подлежат на сите тие морални норми, изјави Димитриевска.

Ова во својата анализа го потврдува и Организација на жени од Свети Николе, чии активистки разговарале со 107 жени од 33 села во Вардарскиот регион. Јасмина Трајчева, која го раководи истражувањето, изнесува податок дека во тие 33 месни заедници само четири жени се во раководството, а информациите кои водат кон учество во одлучувањето, жените главно ги дознаваат од машките членови на семејството.

-Есенцијални проблеми се недостаток на водоснабдителни системи, на канализација, нерегулиран јавен превоз… Препораките се да се слушнат руралните жени и да се вклучат во системот на донесување на одлуки и вклучување во општествениот живот, изјави Трајчева.

Преставници на Организацијата на жени веќе оставарите средби со градоначалниците, на кои им ги пренеле потребите и барањата на руралните жени. На градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, му ги предале барањата на жените од Овчеполието.

-Едно од тие барање што почнавме да го реализираме овој месец е барањето за организиран јавен превоз. Обезбедени се субвенции од буџетот на Општина Свети Николе, два пати неделно е, и сме на мнение дека јавниот превоз можеме да го организираме и неколку пати во текот на неделата. Освен тоа имеме и Оддление за родова рамноправност, што се грижи за овие потреби, изјави градоначалникот Велковски.

Жените имаат полно работно време дома и уште толку на нива, меѓутоа, не и приходи и стаж. Дури кога ќе се победат сите правни и финансиски пречки и жената успее да дојде до имот на свое име и формирање на земјоделско стопанство, законот ја дискриминира. На жените со земјоделско стопанство не им е дозволено да имаат платено породилно отсуство, нотира Васка Мојсовска, жена фармер, која веќе две години ја раководи Националната федерација на фармери.

Жената која нема свој имот е економски немоќна, вели Мојсовска и изнесува податок дека 64% од руралните жени не се на пазарот на труд, а 40% од невработените жени се млади девојки од руралните средини. Националната федерација успеала да ја укине дискриминаторската мерка, со која жените земјоделки не можеа да дојдат до фондовите на Министерството за земјоделство. Како резултат на овие напори, деновиве се очекува да биде отворен повик за жени од руралните средни.

-Во најскоро време се очекува да излезе повикот со кој жените од руралните средини ќе може да аплицираат за грант од 180.000 денари, преку кој ќе може да реализираат некоја своја мала бизнис идеја. Нашето основно барање беше приоритет да се даде на жените со регистирани земјоделски стопанства од руралните среднини и тоа беше прифатено, најавува Мојсовска.

Пред женските организации, пред целото наше општество се многу други предизвици за решавање, кои се однесуваат на риралната средина. Општа согласност на конференцијата што се одржа во Свети Николе е дека потенцијалот на руралната жена и селото е огромен, само треба да им се даде шанса да се покажат.

Лограње

X

Регистрација