– ММС
Вести Македонија ММС-Стории

Пет нови македонски природни реткости: Дабот кај Бели живее речиси седум века – од пред доаѓањето на Турците на Балканот

Освен Киселичката Пештера и геолошкиот профил во Делчевско, меѓу македонските природни реткости се најдоа и три карактеристични многу стари дрвја – охридскиот чинар и црницата во Лесновскиот манастир, за кои се смета дека се стари по шест века, како и дабот кај кочанското село Бели, за кој се проценува дека живее и сведочи 680 години, неговата височина е 19 метри, обемот на стеблото на градна височина му е 5,9 метри, а распонот речиси сто метри

Пишува: Љупчо Шатевски

Министерството за животна средина и просторно планирање деновиве донесе решение со кое пет нови места во Македонија се прогласуваат за природни реткости, за кои сега ќе се води поголема грижа за нивна заштита, афирмација и туристичка промоција. Две се во Пијанец, на територијата на општината Делчево – карактеристичниот геолошки профил на карпи настанати по природен пат кај селото Ѕвегор и Киселичката Пештера кај Киселичка Река, десна притока на Брегалница.

Киселичката пештера (лево) и специфичниот геолошки профил во Пијанец (десно)

Другите три нови природни реткости се специфични повеќевековни дрвја. Охридскиот чинар, бидејќи Охрид е водечка туристичка дестинација во Македонија, е најпознат меѓу нив. Стар е околу шест века, а некои преданија велат дека лично го засадил Свети Климент Охридски. Се наоѓа во Старата чаршија во Охрид и претставува туристичка атракција. Црната дудинка (црница) е во дворот на манастирот „Св. Гаврил Лесновски“ кај пробиштипското село Лесново. Важи за најстара црница во Македонија. Нејзината старост, исто како и на охридскиот чинар, се проценува на шест века.

Црницата во Лесновскиот манастир (лево) и охридскиот чинар (десно)

Еден од најстарите дабови на Балканот

Досега помалку познатото од овие три многувековни дрвја е дабот од видот благун на еден километар над кочанското село Бели, во близина на патот што од Кочани води кон туристичкиот центар Пониква на Осоговските Планини. Дабот, еден од најстарите на Балканот, е висок 19 метри, обемот на стеблото на градна височина му е 5,9 метри, а распонот му е речиси сто метри. Не се знае од кого е насаден, а неговата старост се проценува на 680 години, односно живее и сведочи уште од времето пред пред походите на Турците на овие простори.

Дабот, кој се наоѓа во кругот на манстирот „Св. Илија“, има култно значење за жителите на Бели. Покрај него со векови се случувале и убави, но, за жал, и многу лоши работи, како стрелањето на 12 патриоти од селото во првата балканска војна, за што сведочи спомен-плочата во кругот на манастирот. Целиот комплекс со дабот и манастирот, покрај кои белани направија и трпезарија, видиковци, летниковци, клупи за одмор, е се’ попосетен од гости и туристи, особено откако пред седум години беше асфалтиран патот до него. Почнаа да се организираат и културни манифестации, пензионерски средби…

Покрај дабот е изграден манастирот „Св. Илија“

Некогаш биле повеќе, но опстанал само овој даб  

– Оваа месност одамна е позната под името Дабје зашто некогаш на оваа локација имало повеќе дабови од кои останал само овој. Добро е што дабот ќе се заштитува и што е прогласен за природна реткост зашто без него многу работи нема да бидат исти во овој крај – вели Коце Стојменов, историчар по потекло од Бели, директор на кочанската библиотека „Искра“.

– Без дабот многу работи не би биле исти во овој крај: Коце Стoјменов

Во 2012 година дабот беше погоден од силен удар на гром. Стеблото на живиот споменик на природата беше опожарено, во внатрешноста се појави шуплина, а дрвната маса беше оштетена во височина од четири метри. Потоа следуваа неколку проекти за реставраторрски и конзерваторски активности и за заштита од пропаѓање на дабот, а во активностите беа вклучени кочанската локална самоуправа, Источниот плански регион и Швајцарскаа агенција за развој и соработка, а пред две-три години беше поведена и иницијативата за прогласување на дабот за природна реткост.

Во 2012 година дабот беше погоден и оштетен од силен удар на гром (десно)

Надеж дека комплексот со дабот и манастирот ќе биде уште попосетуван

Сега, со проглаувањето на дабот за природна реткост, жителите на селото се надеваат дека прашањето со заштитата на дрвото ќе биде решена и оти комплексот ќе биде уште попосетуван од гости и туристи. Бели е специфично село. Пред пет-шест децении броело 850 жители. Сега се двојно помалку. Иако бранот иселувања во странство е присутен и во ова село, сепак, досега најмногу белани се имаат иселено во Кочани, но некако како пак да се во Бели зашто во Кочани имаат Белско Маало, кое е на излезот од градот кон селото.

– Ние и не сме иселени, бидејќи сме како дома во кочанското Белско Маало. Во селото има 120 семејства, а речиси 500 семејства сме во кочанското Белско Маало, од каде што до Бели веќе има само еден километар – објаснуваат жители на Белско Маало.

Селото е познато и по бунтовниот карактер. Од него потекнуваат многумина ајдути, комити, борци за слобода, а еден од најпознатите е капетан Ѓорѓи Антонов, кој учествувал и во Руско-турската војна за што бил одликуван од рускиот цар. Бели било единственото село во Кочанско и едно од ретките во Македонија што по Втората светска војна ја избегнале колективизацијата, поради што селаните долго имале проблеми.

Поглед на селото Бели од комплексот кај дабот

БЕЛСКОТО ЦРЕШОВО ТОПЧЕ

СЕ’ УШТЕ СВРТЕНО КОН ТРКАЊЕ

Меѓу соседните населени места често има голем ривалитет. Во минатото големо непријателство имало меѓу Бели и соседното Тркање. Селските атари, земјиштето и пасиштата не биле добро разграничени, па имало многу инциденти и тепачки со повредени луѓе, но, за среќа, без загинати. Според историчарот Коце Стојменов, во педесеттите години на минатиот век, при разграничувањето на атарите на двете села, за да спречи поголеми инциденти, морала да дојде и единица на коњаницата на тогашната ЈНА.

И денес, за таа „војна“ се слушаат многу приказни и шеги. Според една анегдота, за да се смират страстите, во тие години бил организиран кошаркарски натпревар меѓу двете села, кој завршил со крајно невообичаен, можеби и единствен, резултат кога се работи за кошарката – 0:0. Има неколку верзии што шегаџиски се раскажуваат зошто ни белани ни трканци за цел меч ниту еднаш не постигнале кош. Според едната, екипите првпат во животот играле кошарка, па играчите не можеле да ги наместат „нишанските справи“. Според втората,  се играло толку грубо што никој не можел ни да шутне кон кошот. А, според третата, било договорено трканци да го набават материјалот за правење на кошевите, а белски мајстори да го прават. Но, за да заштедат на материјалот, белани ги направиле обрачите на кошевите толки тесни што топката не можела да се протне низ нив.

– Нетрпеливоста беше многу голема. Некаде пред половина век низ селото проструи вест дека беланка ќе се мажи за трканец. Итно беше свикан состанок на сите мажи во селото, на кој на таткото на девојката му беше кажано дека такво нешто не смее да се случи. Така и беше. По десетина години почнаа да се склучуваат првите „мешани бракови“. Сега состојбата меѓу двете села е целосно нормализирана. Сепак, белското црешово топче, кое е поставено во комплексот кај стариот даб и манастирот „Св. Илија“, се’ уште е свртено кон Тркање, бидејќи со трканци никогаш не си сигурен на што си – на шега велат постари белани.

Црешовото топче во комплексот кај дабот и манастирот

Лограње

X

Регистрација