Неофицијалните информации дека британската компнија Џонсон Мети, која има свој погон во ТИРЗ „Бунарџик“ ќе отпушти 200 работници, стана официјална. Во одговор до ММС од компанијата потврдија дека ќе има намалување на работните места. При тоа, во одговорот не прецизираат за колкаво намалување се работи, ниту дали сегашната редукција на работните места, ќе биде единственото годинава.
„Со оглед на неодамнешните глобални економски притисоци на автомобилскиот пазар, правиме прилагодувања на сменските модели во некои наши локации за да ја балансираме понудата со побарувачката во блиска иднина.Ова, за жал, ќе резултира со ограничен број на работни места кои би биле предмет на намалување“ информираат од Џонсон Мети за ММС.
ММС се обрати и до Дирекцијата на ТИРЗ, но од таму посочија дека не се известени за отпуштањата:
„Официјални информации и дописи што укажуваат на намалување на бројот на вработени во компанијата Џонсон Мети, немаме добиено“ велат од Дирекцијата на ТИРЗ.
Во меѓувреме, пред само десетина дена, Дракслмајер најави затворање на својата фабрика во Зрењанин во соседна Србија, со што речиси 2000 работници ќе останат без работа. Деновиве има неофицијални најави дека се планираат отпуштања и во Македонија, каде оваа компанија е присутна во индустриските зони во Кавадарци и Куманово.
Претходно, во февруари, компанијата Аптив најави затворање на фабриката во Бунарџик, во која работат околу 500 работници и префрлање на производството во Португалија и Полска.
Владата, од друга страна, се фали со најавени инвестиции во ТИРЗ
Премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите изјави дека се очекуваат нови инвестиции во ТИР зоните низ државата.
- Секој месец ќе има една до две, или пуштање во употреба, или камен темелници на нови инвестиции. Во јуни ставам на „Алказар“ точно инвестицијата, тоа се половина милјарда американски долари инвестиција, со што ќе имаме поголемо производство на електрична енергија, од тоа што го трошиме, вели Мицкоски.

Прашан какви мерки преземаат како Влада, за да се задржат странските инвестиции во земјава и дали ги плаши состојбата во автомобилската индустрија во Германија, Мицкоски одговори потврдно, но додаде и дека доѓаат нови инвестотори во други сектори.
Како пример, Мицкоски наведе компании кои се во земјава и имаат донесено одлука за отварање на нов производен погон, а со којшто ќе извезува од 300 до 350 милиони евра годишно, што е отприлка 2 отсто од нашиот БДП, исто така имаат најави од друг инвеститор за отварање на нов погон во 2026 година.
Проблемот со работната сила
Во еден ваков, да го наречеме флуктуирачки процес, каде некои компании си заминуваат од Земјата, други намалуваат работните места, а Владата најавува нови инвестиции, стигнува и предупредување за недостаток на квалификувана работна сила. Во средбите на странските инвеститори речиси сите изнесуваат еден ист проблем – недостаток на работна сила.
Ако државата во 2000-тите се промовираше како земја на млад и продуктивен кадар, сега ситуацијата со работната сила е сосема поинаква.
Компаниите членки на Советот на Странски инвеститори при Стопанската комора и во претходните две годишни анкети за условите за инвестирање и работа во Македонија ја посочија работната сила како проблем.
Претседателот на Советот за странски инвеститори и на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство,Виктор Мизо во изјава за Канал 77 вели дека трудоинтензивните компании се веќе лимитирани во својот раст поради недостаток на кадар, посебно во помалите градови надвор од Скопје.
- Дури и во Скопје, голем број од работниците доаѓаат од градови во радиус од 50 км. Затоа, било какви идни инвеститори на кои би се привлекле, треба да се од помалку трудоинтензивни дејности. На погорното му кумува и традиционалната немобилност на работната сила во Македонија, лошата миграциона и популациона политика, од осамостојувањето до денес, вели Мизо, кој оценува дека проблемот со работната сила е присутен како во квантитет, така и во квалитет.

Инаку, инвеститорите во ТИРЗ имаат низа поволности, како ослободување од данок на добивка, персонален данок на доход и ДДВ под одредени услови во период од 10 години, а користат и финансиска поддршка од државата.