Опозициската СДСМ го оцени како скандалозно позиционирањето на државава во однос на вчерашното гласање за резолуциите на САД и Европската унија за Украина. Оттаму за утре најавуваат прес-конференција на која лидерот на партијата Венко Филипче ќе ги соопшти ставовите во однос на овие прашања.
- Северна Македонија гласаше „воздржано“ за резолуцијата на ЕУ и беше единствена држава од Европа покрај Унгарија која не ја поддржа оваа резолуција. Дополнително, за декларацијата на САД, на која што нашата Влада и Мицкоски одлучија да бидат коспонзор, повторно Северна Македонија гласаше „воздражно“. Ваквите одлуки, укажуваат на целосен аматеризам во воедењето на надворешната политика на земјата. Со само еден потег, Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД, велат од СДСМ.
Посочуваат дека ставот на СДСМ во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ, односно дека Русија е агресор и извршила неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина која е суверена и независна држава.
- Овој став е принципиелен и непроменет. СДСМ останува доследен на принципите за поддршка на независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и заедничките позиции на Европската унија. За СДСМ, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави е од суштинско значење и треба постојано да се гради и зајакнува. Истовремено, македонската дипломатија мора да остане фокусирана на нашиот клучен државен интерес – европската интеграција. Соединетите Американски Држави се еден од најважните страатешки партнери и тоа партнерство треба да биде во функција на забрзување и успешно завршување на евроинтегративниот процес, велат од СДСМ.
Според СДСМ, премиерот Мицкоски води меѓународна политика без поширока координација и консултации за важни прашања и тоа е неприфатливо.
- Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и во согласност со нашите стратешки партнери. СДСМ инсистира на јасна, конзистентна и усогласена надворешна политика која ќе ги почитува и зајакнува нашите меѓународни партнерства, а истовремено ќе ја води државата кон нејзината примарна стратешка цел – членство во Европската унија, наведуваат од СДСМ.