Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова донела одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за одликувања и признанија.
Кабинетот на Сиљановска-Давкова информира дека за претседател на Комисијата е именуван проф. д-р Валентин Мирчески, а за членови на комисијата се именувани проф. д-р Гзиме Старова, д-р Самуел Садикарио, д-р Андријана Јаневска, м-р Ана Дурловски, м-р Решат Амети, Дејан Георгиевски, Евгенија Теодосиевска, Жарко Башески, Оливера Наковска Бикова и Весна Петрушевска.
ММС ги контактираше актерката Весна Петрушевска и пејачката Андријана Јаневска, кои им се добро познати на јавноста. И двете за ММС изјавија дека немаат партиски книшки, и дека професионалноста ќе ги води низ сите одлуки.
Актерката Весна Петрушевска за ММС рече дека ќе биде професионална, како и до сега.
-Чест, привилегија и предизвик е да бидам дел од оваа комисија и ќе се потрудам да се борам за вистинските луѓе. Навистна ќе се борам одликувањата од областа од културата да ја добијат вистинските луѓе. Одамна знам да препознавам вредности и имам високи стандарди. Цел живот се борам за вистинските вредности и професионалнизам, рече Петрушевска, која вели дека нејзиното членство не е партиско, бидејќи не е член на ниедна партија.
И пејачката Андријана Јаневска, за која се знае дека е една од најучените пејачки на естрадата и го има звањето „доктор“ за ММС вели:
-Чест ми е, сепак, станува збор за група интелектуалци докажани во своите области. Нашата задача ќе биде транспарентно и чесно да доделиме награди кои ги заслужиле други интелектуалци. Како и за се во животот ќе се трудам да бидам професионалец. Јас не сум член на ниедна партија и затоа ќе се трудам да бидам независна и професионално ќе ги извршувам обврските кои ги бараат од мене. Не дозволувам врз мене никој никогаш да влијае, рече Андријана.
Од Кабинетот на претседателката рекоа дека членовите на оваа комисија имат висока репутација во македонското општество
-Комисијата за одликувања и признанија ја сочинуваат поединци кои во текот на својата професионална кариера имаат остварено значајни постигнувања и стекнато висока репутација во македонското општество. Тие се признати експерти, кои со своите трудови и постигнувања се истакнале во различни области на општествениот живот, како што се науката, културата, уметноста, образованието, здравството, спортот, соопшти претседателскиот Кабинет.