Трговците и производителите имаат рок до крајот на неделава да ги поправат сите неправилности поврзани со „новогоишната кошничка“, посочи заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
- Јас би порачал до трговците, меѓутоа и до производителите, кошничката има 1.100 производи, меѓутоа имаат време и период до крајот на неделава, доколку има неправилности, да ги исправат. Да ја намалат цената на прехранбените производи, пред сè за граѓаните, бидејќи сеуште сметаме дека се општествено одговорни фирми и го ветија тоа пред народот. Посебно во одредени производи како што се маслото, шеќерот, кафето, млечните производи како што е кашкавал, сирење, месните производи, месото, како јунешкото, свинското месо, јајцата и тоа да го направат, имаат време до крајот на неделата. Доколку не покажат општествена одговорност и ги внесат сите овие основни производи, коишто влијаат на животниот стандард на граѓаните, бидејќи потрошувачката на тие производи е огромна во овој период и не внимаваме на своите граѓани, пред сè, од нивна страна, бидејќи тие ја ветија мерката, тогаш има право Владата во блиска иднина, односно наредниот период, да донесе уште подрастична мерка од претходните мерки, бидејќи нас главната цел, на сите нас, па и на бизнис секторот, треба да биде штитење на стандардот на граѓаните, односно поевтини цени бар за овој период, вели заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Она што можеби е неповолна ситуација за Владата е тоа што „новогодишната кошничка“ беше иницијатива на бизнисот, а не на државата.
- Да напоменам дека оваа мерка не е од владина одлука како претходните мерки, како што беше училишната и есенската кошничка, ова е акција од самиот бизнис сектор, произлезена од стопанските комори во Македонија. Ние пред да биде дадена оваа акција од страна на бизнис секторот, имавме обемни разговори со бизнис секторот, стопанската комора, производителите на храна, земјоделски производи, увозниците, дистрибутерите и пред сè со маркетите. Тие ветија пред граѓаните, пред целата македонска јавност дека ќе ја почитуваат акцијата која произлегува од нив, односно ќе имаме намалување на најмалку 10% на основните прехранбени и земјоделски производи во новогодишната кошничка, односно производи карактеристични за овој период.
Сепак, непочитувањето на мерката е казниво според Законот за заштита на потрошувачите:
- Најголем мониторинг за оваа акција се граѓаните коишто секојдневно одат во маркетите и можат да ги видат цените. Цените имаат воблери, односно етикети, на коишто требаше добро да биде нагласена претходната цена, а тоа е нејниската цена од оваа акција, претходниот месец пред да стапи акцијата и 10% намалена од таа цена. И граѓаните сите оние неправилности коишто ги имаа, можеа да се јават на 191 во Државниот пазарен инспекторат да се постапи, бидејќи иако не е мерка и одлука на Владата, ние имаме право да казнуваме преку пазарниот инспекторат по Законот за заштита на потрошувачи доколку биде изиграна оваа мерка.
Во меѓувреме, покачени се и цените на продуктите кои не се опфатени со „новогодишната кошничка“, за што на прес конференција министерот за економија, Бесар Дурмиши, најави ограничување на маржите и цените, доколку не се намалат цените на основните производи, што би можело да се случи пред Нова година.
Државниот пазарен инспекторат веќе прави проверки на цените на сите продукти, и оние вклучени во „новогодишната кошничка“, и на оние кои не се. Предмет на проверка се цените во последните 3 месеци, кои беа манипулирани со неоправдани покачувања непосредно пред намалувањата.
(М.К.)