На дневен ред на денешната седница на Собранието на РСМ е предлогот за укинување на Националната агенција за нуклеарни технологии, која е формирана со закон донесен во 2010 година. Во образложението на предлогот за укинување на оваа Агенција се вели дека институцијата никогаш не заживеала, „функционално не проработи, односно само одреден краток период со неа раководеше вршител на должноста директор, без да има вработено стручен и административен кадар и без да ги остварува надлежностите за кои е основана“.
-Заради наведеното од страна на Министерството за образованите и наука изготвен е овој Предлог на закон за престанување на важење на Законот за основање на Националната агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија, стои во предлогот.
Во законот со кој се основа Националната агенција за нуклеарни технологии се наведува целта на формирањето. Агенцијата се формира со цел развивање на технологии и истражувања во областа на нуклеарната физика, физиката на елементарни честици и други истражувања во областа на нуклеарната наука. Потоа, учество на Македонија во научната програма на Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН), развивање апликации за индустријата, развивање медицински апликации, од областа на енергетиката, изработка на проекти за примена на нуклеарни апликации за мирновременски цели и др.