Елка, лампиони, светилки, Дедо Мраз, вовче, среќни и насмеани луѓе.., треба да е предновогодишна слика во секој град. Секој градоначалник, колку и да е лош, барем за овој период од годината, треба да им го пружи ова задоволство на граѓаните, бидејќи е време кога се трудиме да ги заборавиме проблемите и во новата да влеземе што посреќни и со оптимизам. А новогодишните укрсувања го нудат токму тоа.
Но, дали е тоа така? ММС направи преглед во неколку општини за тоа колку се потрудиле да го украсат градот. Сликата што ја видовме не е ништо поразлична од претходните години. И оваа година метрополата е најнеукрасена, иако како престолнина би требала да светне во сите бои, а Крива Паланка, едно мало гратче, повторно светна како што доликува, па како и претходните години, така и оваа ги мами граѓаните од цела држава на предновогодишно доживување. Но, ако се суди според коментарите на градоначалниците, тогаш нивниот град е „најукрасен“, „најубаво накитен“, „новогодишна бајка“ и уште многу други епитети.
Да тргнеме од почеток:
ММС уште пред шест дена се обрати до Град Скопје со прашања околу украсувањето, но до денес оттаму не доби никаков одговор. Во меѓувреме плоштадот почна скромно да се украсува и освен една елка, вовче и сијалички на околните дрвја, друго нема ништо. ММС во недела приквечер помина низ плоштад, но освен прошетката на мал број граѓани, градот ни оддалеку не изгледаше како во предновогодишна бајка. Веројатно со крајот на годината ќе биде украсен..
Битола со украсувањето се пофали уште пред десетина дена. „Битола блеска“, се пофалија од градот.
-Со свеченото палење на празничните светилки, Битола вечерва се претвори во вистинска зимска бајка. Широк Сокак, плоштадот Магнолија, Офицерскиот дом и Старата чаршија блеснаа во празничен сјај, најавувајќи го духот на радоста и заедништвото што не очекува, рекоа од Општината.
„Кога говориме за најубав град мислиме на Струмица,град кој блесна вечерва со новогодишните магични украси кои ја создаваат најубавата празнична атмосфера, рече пред шест дена градоначалникот Костадин Костадинов, па отиде понатаму во пофалбите:
„Новогодишната бајка каква што Македонија нема видено од независноста до денес“, рече тој.
Струмичани се задоволни што градот блеска со украси, а атмосферата полна со насмеани деца и среќни луѓе, впрочем и за тоа се празниците, за радост, за весели лица.
Дека и Штип е најубаво украсен рече и градоначалникот, Иван Јорданов. Тој на својот Фејсбук профил објави дека градот е накитен уште пред една недела.
-Нашиот Штип блесна во најубав сјај, рече тој.
Охрид се накити уште пред празникот „Свети Климент“. Општината украсувала со свои украси, со дополнување на украсите пред секоја година.
Од општината велат дека Охрид не само што ќе биде украсен, туку и дека ќе организира предновогодишна и новогодишна журка на плоштадот. Охрид ова го прави секоја година за да привлече што поголем број туристи.
И на крај сосема заслужено во оваа листа се најде и Крива Паланка, која секоја година ги воодушевува не само жителите на градот, туку и на сите ширум државата. Секоја година Крива Паланка е се поубаво и поубаво украсена.
Според градоначалникот, Сашко Митовски, кој градот го накити уште пред 12 дена, Крива Паланка и годинава е најубаво украсен град.
Редакција ММС
Фото: ММС/ Фејсбук страна на општините