Алкохолизмот е сериозен проблем со кој се соочуваат милиони луѓе во светот. Но, освен алкохоличарите кои директно страдаат од својата зависност, алкохолизмот има и сериозни негативни ефекти врз луѓето од непосредното опкружување на алкохоличарот, а несомнено најголеми негативни последици остава врз психолошкиот развој на децата.
Како е да се расте во семејство со алкохоличар и кои се последици ги има детето ММС разговараше со м-р Давид Тасевски, психолог и европски сертифициран психотерапевт.
Што значи за едно дете кога домот му е извор на немир?
-За секој човек, а особено за децата, домот треба да биде безбедното место и онаму од каде тие го добиваат чувството на мир, како и стабилноста. Меѓутоа, кога домот е извор на немир, стрес и несигурност, тоа може да создаде длабоки емоционални и психолошки последици. Детето може да развие чувства на страв, агресивност, повлекување, проблеми во исхраната, проблеми со спиењето, главоболки и стомачни болки кои се телесни симптоми без органска причина, односно психосоматски тегоби, итн. Во вакви услови, имаме дете кое се учи да се адаптира во постојан стрес, кое влијае на неговата доверба кон другите луѓе, и може да ја потисне неговата способност за создавање здрави односи и функционирање во општеството. Да не заборавиме, постојано зборуваме дека првите 1000 денови се исклучително важни за развојот на детскиот мозок. Раните години се клучни за формирање на емоционалната стабилност, па кога тие се одбележани со хаос и нестабилност, детето може да има проблеми со регулирање на емоциите и во градење на неговата самодоверба.
Колку се сериозни последиците од растењето со родител алкохоличар во животот понатаму?
-Последиците од растењето во такви услови може да бидат многу сериозни. Кажавме дека децата кои растат во дом каде алкохолот ја диктира атмосферата, можат да имаат последици врз психичкото и физичкото здравје. Но, она што ни е особено важно и на нас кои работиме на тема зависност, и мораме да го земеме предвид, е агресивноста која може да се појави кај детето. Таа се јавува бидејќи детето расте во дом каде не може да ја разбере реакцијата на родителот и промените во неговото расположение. Кога го имаме алкохолот како предизвикувач на одредено однесување кај родителот, имаме збунето дете кое не знае да ја препознае причината за тоа родителско однесување. Реакцијата кај родителот не е поврзана со тоа што го прави детето, туку е поврзана со алкохолот. Ова влијае на моментот да детето не успева да поврзе причина со последица. Исто така, децата понатаму можат да развијат и одредени зависности, и тоа не мора да биде алкохолот, бидејќи моделот на зависност може да биде нормализиран во нивниот живот, но, и да биде прифатен како начин на справување со стресни ситуации.
Како се одразува семејното насилство врз детето?
-Семејното насилство во домот може да има катастрофални последици за детето, без разлика дали ја имаме зависноста како дополнителен фактор. Често, кај семејното насилство, општеството бара одредена зависност како причина, кое дури понекогаш проткајува и оправдување за појавата на насилството. Децата кои се жртви на насилство, било од улога на сведок кој го гледа или се директните жртви, можат да развијат трауми кои влијаат на нивната психолошка состојба. Знаат и да ги прифатат насилните модели како нормални, што може да ги направи почувствителни на агресија и конфликти во иднина, а здравото справување со ненасилни конфликти е вештина која е важна во нивното идно функционирање. Честопати се случува децата да се идентификуваат со агресорот или пак со жртвата, кое претставува ризик за преземање на една од овие две улоги. Па така, во раната возраст го имаме врсничкото насилство, а понатаму и семејното насилство. Децата можат да ги пренесат овие трауми во своите идни релации, што води до одржување на циклусот на насилство.“
Што се случува кога самото дете е жртва на психичко и физичко насилство?
-Во почетната фаза, детето е збунето и не го разбира целосно она што се случува. Тоа може да не го препознае насилството како нешто сериозно или да се чувствува парализирано од ситуацијата. Како што полека почнува да разбира што се случува, детето се соочува со силен стрес, што може да доведе до физички симптоми како главоболки, стомачни болки, несоница итн. Детето може да стане нервозно или повлечено. Во следната фаза, детето може да се обиде да го прифати насилството како дел од своето секојдневие и да го минимизира неговото значење, продолжувајќи со своите активности без да ја обработи тежината на настаните. Како резултат на континуираниот стрес, детето може да развие чувство на безнадежност, да се чувствува виновно за она што се случува или да не верува дека нешто може да се промени. Ова може да доведе до повлекување, губење на интерес за активности и социјална изолација. Во обид да ја врати контролата, детето може да започне да се заштитува себе си или другите, што понекогаш може да се манифестира преку агресивност или конфликтно однесување. Изложеноста на насилство може да доведе до длабоки проблеми со самопочитта и идентитетот. Детето може да верува дека насилството е дел од неговата реалност или да се чувствува недостојно за љубов и почит, кое понатаму повторно може да влијае на идните релации и изборот на партнер.
Зошто првородените деца се повеќе погодени од последиците на растењето со родител алкохоличар?
-Првородените деца често се погодени многу посилно од последиците на растењето во дом со родител алкохоличар, затоа што обично тие први се соочуваат со непредвидливоста и хаосот што го носи зависноста. Тие често се принудени да ја преземат улогата на родител, што значи дека се обидуваат да го покријат недостатокот на стабилност и да го заштитат помалото братче или сестриче. Ова може да предизвика голем стрес и да ги стави во рана, несоодветна улога на носители на одговорност. Понатаму, првородените деца често чувствуваат повеќе тежина на одговорноста и страв од недостиг на љубов или внимание, бидејќи родителот е фокусиран кон својата зависност.
Што се случува во главата на алкохоличарот кога посегнува по насилство над своето семејство?
-Кога алкохоличар посегнува по насилство, во многу случаи, тој делува од позиција на бес, чувство на безнадежност или друг пропратен симптом. Имаме ситуација кога основните обрасци тој ги доживува како заканувачки, бидејќи алкохолот ја нарушува неговата способност за рационално размислување, што доведува до губење на контролата. За многумина, агресијата е начин за да се справат со внатрешниот немир или чувство на несигурност. Во моментите кога се под влијание на алкохолот, тие можат да се чувствуваат нападнати или да гледаат на семејството како закана, што ги мотивира да реагираат насилно. Насилството е всушност начин на внатрешно ослободување од болката, иако тоа само ја влошува ситуацијата и создава нови, длабоки рани за сите вклучени, а особено за децата. Најважно е да не заборавиме дека кругот на насилство ќе продолжи додека некој нѐ каже стоп, и пријави. После пријавувањето е важен психотерапевтскиот третман и по потреба вклучување на фармаколошка терапија. Работата во оваа област е важно да ја водат професионалци со искуство, поради сензитивноста и високиот ризик.
Мартин Каровски
Фото: Фејсбук