Вчера вечерта во НОБ се одбележа Светскиот ден на вранецот, водечката регионална автохтона сорта и дел од нашето национално винско наследство, во организација на Здружението „Вина од Македонија“.
Манифестацијата која по шести пат се одржува во нашата земја има за цел да ја интернационализира оваа уникатна сорта, да го популаризира нејзиниот исклучителен квалитет и карактеристики пред винската елита ширум светот и да го позиционира вранецот сѐ повисоко на светската винска мапа.
Освен Вински салон, на кој винските љубители имаа можност да дегустираат вина од сортата вранец. специјален концерт одржа минатогодишниот „Амбасадор на вранецот“ Казухиро Котетсу, кој е основач на Токискиот камерен оркестар „Вранец”.
Тој настапи со Битолскиот камерен оркестар и ја воодушеви публиката. На скоро едночасовен концерт Котетсу испеа повеќе познати фолк хитови и патриотски песни.
Публиката беше воодушевена, постојано го наградуваше со аплауз, а тој им возвракаше со емотивна изведба на песните на мајкедонски јазик.
Свој говор одржаа министерот за земјоделство, Амбасадорот на Јапонија во Македонија, и Светозар Јаневски.
За силна посветеност кон развојот, модернизацијата и афирмацијата на македонското винарство, градење на македонската винска култура и промоција на македонското вино, кое добива респектабилно место на глобалниот пазар, Меѓународната федерација на винските братства му додели почесна диплома на Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“ и претседател на здружението „Вина од Македонија“.
Тој е прв добитник од земјава на оваа престижно признание.
Примајќи ја оваа угледна награда, претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски изјави:
„Секој успех и достигнувања почнуваат со визија, а за нејзина реализација треба многу упорност, работа и знаење. Мојата визија кога започнав да делувам во винскиот бизнис беше да создадам македонски производ кој ќе биде на исто рамниште со најпрестижните вински брендови. Бев уверен дека не е важно дали бизнисот се наоѓа во мала или голема земја, туку дека важни се луѓето и идејата која ги обединува. Денес можам со задоволство да кажам дека ние го живееме нашиот сон, нашата визија стана реалност. Ова признание за мене е поттик да поставам нови цели и да се стремам кон нивно достигнување“.