Легендатат Дарко Панчев вчера вечерта во Литература.мк, во Дајмонд Мол собра многу наши спортски легенди и негови фанови. Книжарницата беше претесна да ги собере сите кои дојдоа да му дадат поддршка и први да ја добијат неговата автобиографска книга напишана од перото на познатиот спортски коментатор Зоран Михајлов.
Илија Најдоски, Вујадин Станојковиќ, Пепи Георгиевски, Кочо Димитровски, но и Васил Рингов беа дел од легендите кои дојдоа да му честитаат на нивниот некогашен соборец, но и Благоја Милевски, Горазд Михајлов, кошаркарскиот тренер Емил Рајковиќ и олимпискиот шампион Шабан Трстена..
Васил Рингов, кој, проф. д-р Љубомир Кекеновски, беше промотор ексклузивно откри неколку интересни анегдоти од времето на нивното активно занимавање со фудбал.
Дарко беше пресреќен и порача дека оваа книга треба да биде поттик за младите.
-Ова биографско издание верувам ќе сведочи за идните генерации, ќе им биде како инспирација и мотив како од нула да се стаса до ѕвездите. Секој може да го живее својот сон, секој треба да верува во своите цели, бидејќи може да ги достигне. Тоа е поентата на оваа книга со која сакаме да го мотивираме секој млад човек, рече Дарко.
Книгата која содржи фотографии и моменти од животот на Дарко, од почетоците, па до најважните моменти во неговата кариера авторот Михајлов на свој начин го објасни се она што значи Панчев или „Кобра“, како што го нарекуваше фудбалскиот свет.
-Книгата ги содржи најубавите сеќавања на Дарко, а верувајте тоа се кога беше дете и кога на улица правеа голови од камења. Тој ми кажа дека медалот освоен во Прилеп, на Пионерска олимпијада во фудбал му е еден од најдрагите трофеи во животот. Биографијата ја долови кариерата на нашиот најдобар фудбалер, за тоа колку тој беше почитуван од своите колеги. Книгата ќе остане како документ за една знаменита македонска личност. Дарко беше вистински афирматор на својата земја, преку него и неговите постигнувања многу луѓе во светот дознаа за Македонија. Па и денес е единствениот Македонец кој успеал да освои две високи индивидуални признанија во својот спорт, „Златната копачка“ и „Сребрената топка“ – во изборот за најдобар фудбалер на Европа. Е токму затоа името на Дарко Панчев е врежано со златни букви во нашата фудбалска и национална историја, кажа Михајлов.
Најголема поддршка на Дарко секако е неговото семејство, сопругата Маја и ќерките Надица и Маја.
В.Миленковска
Фото: Вангел Тануровски