Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против С.Т.(60) од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „злоупотреба на исправа со невистинита содржина“.
Во текот на 2022 пријавениот, адвокат од Ресен, со свој потпис и печат оверил два договори за купопродажба на недвижен имот, кои ги употребил при солемнизација пред нотар во Тетово, а притоа се потпишал и во графата продавач, за што употребил полномошно со невистинита содржина од 94 – годишно лице, кое било починато пред повеќе од два месеци пред заверката.
Изготвените договори и полномошно ги искористил наведувајќи податоци од патна исправа, издадена од странска земја на име на починатиот. Исто така, договорот за купопродажба на недвижен имот од 14.07.2022, пријавениот го употребил за солемнизација на нотар и притоа навел податоци од патна исправа издадена од странска земја и употребил полномошно со невистинита содржина, а полномошник било починатото лице.
Недвижниот имот, сопственост на наследникот на покојниот, пријавениот го оттуѓил на трето лице и се здобил со противправна имотна корист во износ од 2.273.965 денари, исплатени на негова сметка.