Ако ги погледнете никогаш нема да најдете нитка со која би ги поврзале, уште помалку да помислите дека тие се браќа, бидејќи воопшто не си личат. Но, ако седнете да разговарате со нив ќе сфатите колку братски се поврзани! Ете такви се Александар и Гоце Георгиевски, едниот политичар, другиот спортист, едниот градоначалник на Општина Илинден, а другиот ракометен репрезентативец.
И кога ретко кој би помислил дека спортот и политиката одат заедно, тие се тука да демантираат, бидејќи иако едниот е политички ориентиран, а другиот политиката не го интересира, сепак, функционираат беспрекорно. А за сето тоа е заслужно, пред сѐ домашното воспитување и почитта, кои родителите им ги всадиле уште додека биле мали. А тие вредности ги имаат и до ден денес.
Интересен беше разговорот со Александар и Гоце, кои за ММС ја отворија душата и раскажаа за нивното детство, за семејството, за изборот на професиите, изборот на сопругите и секако, какви се тие како родители.
Детство и семејно воспитување
Александар: Јас повеќе личам на мајка ми, а Гоце на татко ми. Татко ми е посветол, а мајка ми потемна. Никој не верува дека сме браќа, бидејќи воопшто не личиме. И карактерно се разликуваме, но обратно. Јас го имам карактерот на татко ми, а Гоце на мајка ми.
Гоце: Аце е пострплив каде каде, јас сум побрз и поимпулсивен. Мајка ми е поимпулсивна, а татко ми е посмирен.
Професии
Гоце: Во нашето семејство нема спртист на кого би повлекол некој ген. Никој активно не се занимавал со спорт. Со Аце заедно од деца сме спортувале. Имаме куќа со голем двор и сме играле сѐ – кошарка, фудбал, ракомет. Нон стоп сме биле со спортот. Такво беше тогаш времето, немаше телефони и постојано бевме надвор. Цел ден на улица. Во школо имаше секции по ракомет и фудбал и мене уште тогаш ме влечеше спортот. Доста години тренирав фудбал, а ракомет играв само за школо. Потоа школата за фудбал се распадна, а тренерот замина во странство. Тука ми се срушија сите соништа. Потоа почнав да тренирам во клубот „Маџари“, но не се пронаоѓав таму. Играв ракомет за школо и имаше еден човек, кој не викна да одиме во „Металург“. Неколку деца отидовме иако мене повеќе ми се играше фудбал. И игравме во Хиподром на отвореното игралиште, на бетон. Може да замислиш како се играло на бетонот, со колена испогребани. Ама игравме и молчевме. Подоцна трениравме во Автокоманда во сала. Доцна почнав со ракометот, веќе имав 16 години кога почнав да тренирам. Не ми беше приоритет ракометот, но се снајдов, го засакав спортот, ме засакаа и во клубот. Аце пред мене тренираше ракомет, а јас одев на меѓушколски натпревари и го гледав.
Александар: Како и секое дете и јас сакав да спортувам. Како што рече Гоце во нашето семејство немало спортист, но спортот се гледал, сме следеле спортски настани. Имавме кош закачен во двор и како деца едвај сме чекале после школо да играме. Па и ракомет игравме во двор, а тоа деца ретко го прават. Ке ставевме црево за вода за линија како шестерец. Еден брани, а другите игравме два на два. А љубовта ни ја всади еден професор, па кога замина тој на негово место дојде друг и тој продолжи со нас. Секцијата за ракомет во нашето школо „Гоце Делчев“ во Илинден беше најактивна.
Јас тогаш бев седмо оделение, бев капитен на школската екипа. Бев можеби поталентиран и по завршување на осмолетка ме викаа во Металург да тренирам. Но, тогаш се запишав прва година средно економско и отидов во РК „Пролет“, каде тренирав две години. За разлика од Гоце бев несериозен, пропуштав тренинзи. Средно економско бараше многу повеќе учење, па одевме и во смени, па одев и на дополнителни часови по математиика и англиски и едноставно не можев подеднакво да бидам активен ни ваму ни таму. Морав да се одлучам. Во трета година средно имав операција, која придонесе да се збогувам со спортот, а веќе во четврта година знаев дека ќе одам на факултет и дека нема да можам веќе да се занимавам со спорт. Се запишав на Правен, на политички науки, па потоа магисратура и сето тоа сосема ме тргна од спортот.
Политика
Александар: Факт е дека политиката не е наука, туку професија. Додека студирав се зачленив во Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ. Уште како тинејџер сум бил за оваа партија, идеолошки се совпаѓаме. Никој ништо не ми наложил, дома не сме биле политички ориентирани, но јас ВМРО ДПМНЕ сум го гледал низ призма на патриотизам. Како млад таа идеолгија повеќе ми се допаѓала. Се подразбираше дека таму ќе се зачленам. Одев чекор по чекор, дипломирав, волонтирав во Собрание, се вработив во Министерство за надворешни, па во Правда, па во Агенција за странски инвестиции, па во МТСП, тоа ми беше професионалниот. Паралелно се градев политички. Станав претседател на УМС во општинскиот комитет… Во 2021 година се кандидирав и станав градоначалник на Општина Илинден. Ништо од сето ова не се случи преку ноќ. Идната година завршува мандатот, а за понатаму ќе видиме.
Гоце: Кога слушнав дека брат ми влегува во политиката не ми беше чудно. Кога се кандидираше за градоначалник навистина не ме изненади и не ме чудеше, сметам дека многу порано тоа требаше да го направи. Но, секогаш си има свое време и ете се случи. Тој уште како мал политички се едуцираше, постојано се гледаа политички емисии, многу читаше за тоа и не беше изненадување.
Мама Крстана и тато Трајче
Гоце: Родителите мене никогаш ништо не ми наметнале. Ниту мајка ми ниту татко ми, секогаш ни давале поддршка. Но беше чудно со дедо ми, кој секогаш ме терал да учам ама јас не сакав многу. Кога ќе ми речеше- ајде треба да учиш, а јас ќе му кажував дека сум спортист тој постојано ми велеше- абе нема леб од тоа, нешто треба да учиш. Ххахах…. Но, потоа и тој доаѓаше на натпревари да ме гледа. Не пропушташе натпревар. Навистина никогаш не ни наметнувале. Можеби со Александар биле построги дека прво дете, а кај мене биле по растеретени. Јас пробав, се запишав поради другарите на Земјоделски факултет, но не ме влечеше… На крај приватно се запишав на факултет на спортски менаџмент и завршив.
Александар: Тоа сите родители го прават. Можеби кај мене гледале поправа линија, да имам професија, која според нив има некоја сигурност. Можеби влијаеле и средните училишта, економски повеќе се учи, а Гоце се запиша и средно фискултурно, па затоа.
Населба Илинден
Гоце: Цел живот сме таму. Тука сме родени, тука израснавме. Ми се допаѓа уште од дете. Живеевме во куќа со голем двор. Сум живеел во странство во стан ама не е тоа за мене, слободно се чувствувам во куќа во двор.
Александар: Имаме голем двор и едната половина е на Гоце, па сега покрај браќа ќе бидеме и соседи, бидејќи Гоце прави куќа. Јас живеам во иста куќа со родителите ама поделено си е.
Тинејџери
Гоце: Не сме биле проблематични. Јас како помал бев некако попргав, потемпераментетн и повеке се закачав. Но, потоа се смирив и не сум бил проблематичен. Навистина примерен ученик сум бил. Со Аце како постар брат секогаш, па и до ден денес, кон него сум имал респект. Не го викам бато, никогаш не сум го викал. Тој секогаш бил помирен и ми попуштал. Ама затоа кога ќе го налутев бегав. Така ги учам и децата. Постојано и велам на ќерка ми Софија дека Алексеј треба да го вика бато, бидејќи е постар од неа. Дури и Михаела ќеката на Аце го вика бато.
Александар: Немирното на Гоце заврши со спортот, а јас секогаш сум бил коректен. Родителите немале никаков проблем со нас. Како деца нормално сме се подрасправале, како и сите деца, но подоцна било супер. Супер сме функционирале и како браќа кога сме растеле. Мала е разликата меѓу нас и сме се дружеле многу. Деца како деца.
Сопруги
Александар: Со Ана сме скоро 10 години, во близина живееме. Ана работи администрација во приватна компанија. Ќерка ми Михаела сега ќе биде второ одделение, многу е жива, но повеќе сака ритмички танци. Сака стрит денс. Ја носиме два пативо неделата, тоа ѝ се допаѓа. А што ќе одбере понатаму не знам, тоа е нејзин избор и ќе ја поддржиме.
Гоце: Ние со Симона сме комшии од иста улица. Пеш одевме по невеста. Па само 200 метри н\ делат. Кога живеев во странство беа со мене, но за среќа децата тука ни се родени и сега кога завршив со активното играње ракомет сме тука. Не им влијаам ништо, но Алексеј тренираше фудбал, па сега тренира ракомет, па одеше и на пливање. Пробува сѐ и што ќе прифати е негов избор. Софија сѐ уште не сме одлучиле што да ја запишеме, има пет години, па ќе видиме. Симона се знимава со козметика, има свој салон.
Совети и имиња
Александар: Тука сме да си помагаме и советуваме, секогаш кога треба. И во професиите и во приватниот живот. Имињата ни ги дал кумот, не нашите родители. И не се по револуционерите иако Александар и Гоце постоеле. Јас сум крстен по дедо ми, кој се викал Александар ама скратено го викале Санде, така го знаеле сите.
Гоце: Аце секогаш бил тука за совет. И моето име е желба на кумот. Иако мајка ми не го сакала баш ова име сепак, но така беше порано, кумот одлучува .
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски/ приватна архива