Марија Брањас, Шпанка родена во Америка, која важеше за најстарата личност на светот, почина на 117-годишна возраст, соопшти денеска нејзиното семејство.
Геронтолошка истражувачка група, која проверува детали за луѓе за кои се смета дека имаат 110 или повеќе години, ја прогласи Брањас за најстарата личност на светот, откако минатата година почина француската калуѓерка Лусил Рендон на 118-годишна возраст, пренесуваат светските агенции.
Брањас била родена во Сан Франциско на 4 март 1907 година. Кога била млада нејзиното семејство се вратило во Шпанија.
На листата на таа група, најстарата личност на светот сега е Јапонката Томико Итока, која има 116 години.
Брањас, која живееше во домот за стари лица Санта Марија дел Тура во североисточниот шпански град Олот во последните две децении, минатиот вторник објави дека се чувствува „слабо“.
„Моментот е близу. Не плачете, не сакам солзи. И пред се, не жалете за мене. Каде и да одам, ќе бидам среќна“, објави таа на профилот што го води нејзиното семејство.
Гинисовата книга на рекорди официјално го призна нејзиниот статус како најстара личност во светот во јануари 2023 година.
Таа живееше во Каталонија и рече дека нејзината долговечност се должи на „уредниот живот кој е општествено многу пријатен“.
„Мислам дека тајната на долговечноста е да се биде среќен. Среќен, и да се има добра генетика“, рече таа.