Образовните установи да се подготват за топлотните шокови за да се избегне затворање на училиштата или продолжување на летниот распуст поради екстремните температури, а наставниците и родителите да се оспособат за одговор на топлотниот стрес, – порачува УНИЦЕФ.
Во најновата анализа што ја објави денеска, УНИЦЕФ укажува и дека постои потреба да се инвестира во ажуриран здравствен акциски план за справување со високите температури, како и во примарната здравствена заштита, за да се обезбеди адекватна поддршка на превенцијата, раниот одговор, дијагнозата и третманот на болестите кај децата предизвикани од топлина.
Планот треба да даде приоритет на најранливите деца, меѓу кои оние што живеат во сиромаштија, во супстандардни услови на домување, со попреченост и децата што живеат и работат на улица.
Според УНИЦЕФ, земајќи предвид дека е поголема веројатноста семејствата со пониски примања да се соочат со поголем ризик од изложеност на топлина и да имаат намален капацитет за справување, како и дека топлотните бранови ја засегаат и семејната егзистенција, постои потреба од поширок национален одговор за да се разбере социо-економското влијание на топлотните бранови и да се воведат социјални интервенции – како што се парична помош и социјални услуги за ранливите домаќинства, за да им се помогне на семејствата да се справат со социо-економските ефекти од екстремните горештини.
-Во Северна Македонија, иако топлината не е главен фактор што придонесува за смртност на доенчињата, изложеноста на чести топлотни бранови и понатаму загрижува, налагајќи националните климатско-еколошки политики континуирано да ги земаат предвид децата и младите. Треба да се размисли за адаптирање на предучилишните и образовните установи и оспособување на наставниците и родителите да одговорат на топлотниот стрес. Адаптацијата на училиштата често се превидува зашто топлотните бранови најчесто се појавуваат за време на летниот распуст. Но, бидејќи климатските промени водат до почести топлотни бранови и периоди на високи температури и на крајот од пролетта и на почетокот од есента, образовните установи треба да се подготват за топлотните шокови, за да се избегне затворање на училиштата или продолжување на летниот распуст поради екстремните температури, стои во анализата.
Истражувањето опфаќа податоци од 23 земји, а покажува дека сè поголемите горештини во Европа и Централна Азија убиваат речиси 400 деца годишно. Во 2021 година како последица на сè повисоките температури, починале околу 377 деца.
-Околу половина од децата низ Европа и Централна Азија или 92 милиони деца, веќе се изложени на чести топлотни бранови во регион каде што температурите растат со најбрзо темпо во светот. Сè повисоките температури може да предизвикаат сериозни здравствени компликации кај децата, особено кај најмалите, дури и за кратко време. Без соодветна нега, ваквите компликации може да бидат опасни по живот“, рече Регина Де Доминисис, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.
-Изложеноста на топлина има акутни ефекти врз децата, дури и пред да се родат, па може да доведе до предвремено породување, мала тежина при раѓање, мртвороденче и вродени аномалии. Топлотниот удар претставува директна причина за смртност кај доенчињата, може да го засегне нивниот раст и да предизвика низа педијатриски заболувања. Исто така, во извештајот се забележува дека екстремните горештини предизвикале загуба на над 32 000 години здрав живот кај децата и тинејџерите во регионот, наведува УНИЦЕФ.