Сашко Захариевски беше познат стилист и фризер во Македонија, но пред шест години реши да замине за Мелбурн, Австралија, каде отвори салон и сега не само што ги разубавува Македонките, кои живеат таму туку и сите познати пејачи од Македонија и Балкан, кои заминуваат на турнеја преку барата. Во неговите раце својата убавина досега ја довериле Татјана Лазаревска, Маријана Новачевска, Сузана Гавазова, Благица Павловска и многу други.
Бидејќи е познато дека жените во странство повеќе го преферираат природниот изглед, отколку шминка и фризура, со Сашко поразговаравме за тоа колку е различна грижата за себе меѓу нашите жени и Австралијанките, но и за тоа како се снајде преку барата.
Како се снајде, сепак, го напушти Скопје каде сите те знаеја и замина каде не те познаваа? Задоволен ли си?
-Сега, кога ке погледнам наназад, всушност и не беше така лесно да се дојде во Австралија и да се започне од почеток, но вредеше секоја мака и минута посветена во работата која најмногу ја сакам. Сега сум презадоволен од мојата професија и кариера.
Колку е тешко да се биде фризер и стилист во Австралија, особено што велат дека жените во странство повеќе го преферираат природниот изглед, не е како на Балкан?
-Тоа е точно. Овде во Австралија, жените преферираат природен изглед. Меѓутоа јас успеав да ја стекнам довербата кај моите клиентки и да им предложам и посочам сѐ она што е во тренд во областа на стилизирањето.
Како се снајде со нашинците? Те прифатија ли?
-После шест години живеење и битисување во Австралија,со задоволство можам да кажам дека одлично сум прифатен посебно во македонската заедница, првенствено како фризер-стили,т а и како човек.
Колку Македонките во Австралија сакаат да имаат убави фризури, колку се грижат за изгледот? Стекнаа ли веќе доверба во тебе, во твојата мајсторија?
-Нашите Македонки се посебно негувани жени кои се трудат да ги следат сите светски трендови, па и во фризерајот и шминката. Посебно се средуваат за свадби и секакви други семејни веселби. Јас трпеливо ја градам довербата кај моите клиентки и многу сум задоволен од посетеноста во мојот салон.
Како се навикна на животот таму, особено возењето од лево?
-Животот во Австралија е многу поразличен од кај нас. Сѐ уште се навикнувам на некои работи, но морам да признаам дека ми фали дружењето со колегите и излегувањето среде недела. Хахахах. А за возењето, ќе кажам дека сум задоволен како се навикнав.
Има ли разлика во работењето таму и во Македонија?
-Живееме во време на модрена технологија која ни овозможува следење на сите новитети и иновации во секоја индустрија, па и во фризерајот. Благодарение на тоа, сѐ ни е достапно само треба јака желба и реализација на идеите. Јас сум сѐ уште во одлична комуникација со моите колеги од Македонија и Балкан и често се консултираме и разменуваме искуства. Сите сме во тек со настаните и се трудиме да бидеме подобри, секој ден во секој поглед.
Кои познати личности дошле кај тебе да се разубавуваат?
-Највеќе соработувам со Татјана Лазаревска, која ја познавав уште од Македонија како естрадна уметничка. Но, вистински ја запознав овдека и веднаш започнавме да соработуваме. На мое големо задоволство, почнавме да се дружиме приватно и супер ни е. Така се запознав и со нашата жива легенда Маријана Новачевска, која е прекрасна личност и пријател. Моето познанство и соработка со нашите пејачки го имав во Македонија и секако продолжи и овде во Австралија.
Секогаш кога доаѓаат овде на турнеи, јас со задоволство се грижам за нивниот изглед со фризура и шминка. Посебно сум горд на мојата соработка со Сања Ристеска, Сузана Гавазова, Благица Павловска, Стојне Николовска, Сани, Фанита Канзурова и многу други. Посебно сакам да ја нагласам за прв пат мојата соработка со српската ѕвезда Теа Таировиќ која е прекрасна личност и на која, кога беше тука и правев фризура и шминка. (В.М.)