Мерсиха Смаиловиќ не успеа да ги собере потписите за да стане кандидат за претседател. Не успеа да ја каже нејзината програма на граѓаните. Не успеа да покаже дека не е важна облеката, туку тоа што човекот го носи во себе и во идеите што ги има. Зошто? Затоа што носи марама. Во општество со предрасуди тешко беше да се види нејзината искреност, борбеност, способност. Тешко беше да се урнат стереотипите дека ова сепак, е машки свет, а жената треба да биде домаќинка, мајка и сопруга.
Но, благодарејќи на ова искуство таа не се откажува, напротив, ова како што вели, ѝ било само поттик за понатаму, да докаже дека жената треба да си го добие своето место во политиката, дека е време за жена-претседател и вети- се гледаме за пет години!
Дали Ви е жал што не успеавте да влезете во трката за претседател?
-Ова беше мое прво вакво искуство. Ќе ми треба време да ги канализирам емоциите, дали ми предизвикаа трауми или предизвици. Да, жал ми е. Мислам дека можев многу да допринесам, бидејќи мислам дека граѓаните имаат потреба да слушнат нешто што ќе излезе од дневните политички калкулации. Кампањите на партиите се со истите говори, истите програми, а кога ќе завршат изборите, кога ќе се поделат функциите граѓаните се враќаат на својата сурова реалност, а политичарите во практиката- немање на граѓанинот во фокус. Јас сум 22 години граѓанска активистка и она што го знам е дека овој систем мора да се смени. Овој начин на нетранспарентен начин на собирање на потписи, со само 35 канцеларии во цела Македонија е нешто на што мора да се поработи. Овој систем е спротивен на човекови права и моето право да бидам бирана и да бирам. Ако јас треба да поминам 40 километри за да дадам потпис, да ме чини над 1.000 денари и да ме праша службеничката за кого сте дошле, навистина не претставува избирачко право на ниту еден граѓанин. Не знам зошто порано не се реагирало.
Па кандидатите со најмногу потписи ги собраа во еден ден. Што сакаат да кажат? Дека ние што се имавме 10 дена нашите потписи се помалку вредни? Да нѐ заплашите? Мене тоа ми делуваше како тренирање моќ. Ги демотивираа граѓаните, покажаа дека не им се битни потписите на граѓаните. Ако процесот трае толку дена, испочитувај ги. Кога беа големите гужви јас апелирав на моите гласачи да не излгуваат, да не чекаат. Затоа сум разочарана, но мислам дека ми претстои голема борба и дека за следните избори ќе бидам поподготвена. Граѓаните се веќе созреани, тоа ми го покажа поддршката на нив на социјалните мрежи. Повеќето од моите поддржувачи не знаеја дека ова вака функционира. Јас по цел ден одговарав на прашањата- каде да се потпишеме, како да се потпишеме. Граѓаните не беа упатени. Тоа е порака од граѓаните дека навистина сакаат промени. Сакаме да бидеме повеќе кандидати и во дебатите. Кандидати со свои програми, па да избереме, особено за позицијата претседател која е над сите други институции. Не им треба логистика со 20.000 луѓе, туку човек од народот.
Ова Ви беше подготовка или школо?
-Како бивш спортист, кој се бавел со атлетика, за да учествувате на големиот маратон подготовките траат многу. Мојот маратон и подготовки траат од мојот прв грѓански ангажман, да сменам нешто во општеството, да подобрам и тоа ми заврши со финалето да бидам кандидатка за претседател или да бидам претседател. Ова ми е тест и школо во однос на тоа колку повеќе треба да се истрча. Граѓаните доволно ме знаат. Но, школо ми е за тоа како функционира ситемот, дека ние премногу сме биле фокусирани да исправуваме други проблеми во општеството, а не сме се занимавале со тоа што е избирачко право на граѓаните, колку од нив, за жал, не се слободни, се плашат да се потпишат на тие листи кои потоа се јавно достапни на партиите. Колку граѓаните не веруваат во системот, дали ако се потпише за моја поддршкаа тоа име ке го види некој друг. Значи треба да ги подготвиме граѓаните да бидат свои, да не се плашат, да не завист од политичките партии. Многу од нив ми имаат кажано дека не можат да одат да се потпишат за мене, дека се плашат.
Ги читавте пораките до Вас, па дали повеќе Ви годеа или, пак, имате траума од негативните?
-Она на што сум исклучително горда е што на моите листи се потпишани од сите националности кои живеат во Македонија. Тоа ме прави горда, бидејќи тоа беше целта на моојата програма да бидам претседателка на сите граѓани, без оглед од кого сум кандидирана. Тоа што сум од Бошњачка националност не ме дефинира во мојата определба чија претседателка сакам да бидам. Листите ги доставив во 25 канцеларии низ цела држава и во сите канцеларии имам потпис. Ме прават горда 20 потписи во Кочани. Кога се јавував по канцелариите да прашам колку потписи сум добила ќе ми речеа- „еј 10“ или „еј, само пет“. Не, мене тие ми се битни. Во Свети Николе имам осум потписи. Ме прават среќна бидејќи сум успеала да допрам до граѓаните на целата територија. Негативните коментари почнаа на почетокот, кога мислеа дека имам големи шанси да влезам во кампања. Многубројните коментари беа позитивни, луѓето го препознаа мојот активизам. Доаѓате од граѓаните, комуницирате со нив, ги живеете нивните проблеми, ја доживувате корупцијата, неправдата, дискриминацијата на своја кожа. Сега коментарите се навистина позитивни и драго ми е што не се соочував со лажни вести, со говор на омраза. Можеби затоа што не сум веќе дел од кампањата. Но, и да влезев во кампањата тоа немаше да ме допира, бидејќи голема поддршка ќе ми беа граѓаните.
Дали можеби вашиот начин на облекување ги колебал, сепак, луѓето не ве познаваат, не знаеја колку сте паметна, комуникативна, дека сте голем борец, а сепак сме и опшество со предрасуди?
-Најчесто коментарите не доаѓаа поради етничката припадност или партијата туку поради облеката. Навистина немаше ниеден негативен коментар за Бошњаците, бидејќи многу сме придонеле за ова општество. Најчести коментари беа за облеката. Земале слика од мојот профил и напишале- „зарем ова ќе биде мајката на нацијата“. Верувам дека постои страв бидејќи има предрасуди. Кога ќе ми се обратеа јас кажував дека доколку ме изберат ќе се објасниме и ќе се разбереме. Ми пречеше зошто од 40 минути зборење единствено се коментира како сум облечена. Но, тоа е мој личен избор. Начинот на облекување јас сум го одбрала, јас сум горда муслиманка, горда жена, горда Бошњакина, сите примати гордо ги носам. Но, сметав дека Македонија созреала, дека треба да се цени работата, а не облеката. Сметав дека со мојот активизам сум се докажала, дека облеката не ме огранучувала да помагам од Исток до Запад, од локално до меѓународно ниво. Сметав дека ако влезам во кампањата ќе можев да објаснам. Негативните коментари не доаѓаа само од православни, туку и од муслимани и други религии. Велеа каде и е местото на жената, каде и е местото на покриената…
Што Ве натера на 20 години да ставите хиџаб?
-Марамата е знак на верска припадност. Секоја муслиманка, која е верничка, која смета дека сака да го изгради својот идентитет како верничка по своја сопствена волја, без присила од никого, треба да носи марама. Во религијата е забрането да се носи марама со присила. Во светата книга Бог вели дека во верата нема присилба. Кој како сака. Јас на 20 години решив да бидам првата во моето семејство која ќе ја стави марамата.
Дали тоа беше шок за родителите?
-Повеќе беше страв. Како ќе се снајдам, како ќе реагираат професорите, а јас студирав на Правен факултет, па дали ќе најдам работа после тоа. Како родители го поддржа мојот избор, но се плашеа дека сопствениот избор на нивното дете може да му причини некои нелагодности. Јас гордо ја носам марамата како декларација дека сум жена, верничка и дека марамата само е финална точка во мојата верба. Напротив марамата со себе носи големи тешкотии.
Дали понатаму имавте проблеми поради марамата?
-Проблеми дека нешто ми било забрането немав. Само кога вадев биометриски пасош не ми дозволуваа да се сликам со марама и потоа се направија законски измени. Кога ќе ме пршаа дали сум имала проблем на факултет на шега велев- да. Па морав да бидам редовна на предавања, бев единствена со марама и препознатлива. Интересно е што мојата марама дојде многу бргу по популарната серија „Жаде“, па морав да се објаснувам дека не сум како Жаде.
И во фирмата сте единствена со марама?
-Јас додека студирав почнав бизнис. Со мојата пријателка отворивме финансиско правен консалтинг и сега е компанија која има седум вработени и успешно функционираме. Не сум единствена. Јас и мојата партнерка сме со марама, а единствен услов за вработување ни се квалификациите, не како се облекуваат или на која етничка или верска заедница припаѓаат.
Луѓето ве знаат исклучиво со марама. Откријте ни како функционирате, кога ја симнувате.
-Ја симнувам кога се бањам. Хахаххаха .. Марамата не ја носам во простории со своите најблиски роднини и со семејството. Дома сум без марама, а секаде кога сум во јавност ја носам. И на плажа носам специјална облека. Повеќе сум со марама отколку без марама.
Па Вие сте во предност, не трошите пари за фризер, бикини…
-Трошиме како не. Внимаваме и на фризура и на изглед иако тоа не е видливо за надворешниот свет. А моето буркини е поскапо од бикини.
Русокоса сте или бринета?
-Како ќе ми текне. Годините носат свои предизвици. Како се чувствувам така менувам боја на коса. Немам проблеми со годините, успешно си ги носам. Горда сум на нив, сум ги изживеала плодоносно.
Кога се запознавте со сопругот Вие веќе носевте хиџаб?
-Да. Се запознавме додека бевме студенти. Бев поборник за женски права. Сопругот одсекогаш имал желба да има жена со борбен дух, бидејќи тој беше активист. Да се подржуваме еден со друг. Тоа го препознал во мене, тоа беше иницијалниот момент. Понатаму се создаде блискоста и заљубувањето.
Кога првпат Ве виде без хиџаб?
-Кога се свршивме, по свршувачката. Тогаш веќе според религијата е дозволено. Но, генерално секогаш сме биле фокусирани на карактерот, а така ги бираме пријателите, а и ги воспитуваме децата. Не ги бираме според тоа како се облечени.
Дали и тоа што се уште го носите моминското презиме е дел од Вашата борбеност?
-Јас сум многу горда на својот идентитет и верничка и согласно исламското верување жената треба да го задржи своето презиме. Дека јас припаѓам на Смајловиќ презимето. Стравот повеќе беше како ќе патуваме со децата. Но, нашиот закон е таков, ниту еден родител не смее да излезе надвор од државата без согласност на другиот родител, па така и ние малку се мачиме со вадење согласност. Јас сум индивидуа и сопругот го почитува сето тоа, презимето, нацијата, верата, борбеноста, активизмот.
Што на ова велат Вашите ќерки?
-Далија има 11, а Амелија има 8 години. Моите ќерки се многу горди на мене. Како секое дете што смета дека неговата мајка е најдобра така и тие. Како што кажав ние ги учиме децата дека човекот треба да се гледа според тоа каков е , а не како е облечен. Никогаш не ме прашале зошто јас носам марама, бидејќи има Бошњакини кои не носат. Па и во моето семејство не носат сите. На нив тоа им е познато. Повеќе сме се шегувале за презимињата, зошто јас имам поинакво. Но, со сопругот Јамсин ги учиме да бидат горди затоа што се девојчиња, да бидат горди, бидејќи општеството не е подеднакво исто кон момчињата и девојчињата. Ги учиме на истите вредности кои ние го застапуваме.
Сметате ли дека во ова општество жената е подредена?
-Опшеството со векови наназад ги кршела женските права. Јас прифаќам ако тоа е нејзин сопствен избор и правило. Самиот систем ни налага улоги кои ја кршат нашата улога и волја да бираме што сакаме да правиме. Систем кој мене ме проценува како сум облечена и дека мене не ми е местото во политиката, а не се запрашува дали на некој маж му е место во политиката. Општеството ни создало такви улоги од кои тешко може да се излезе. Па грижата за децата е на двајцата родители, грижата за семејството е на двајцата, политиката им припаѓа на сите подеднакво. Имаме градоначалнички кои поминуваат низ филтер на физички изглед, на осуда. Пратеничките се замо заради квотите, а не затоа што ги заслужуваат. А зошто да не ги заслужуваат? На лидерските средби гледаме само мажи. Верувам дека треба да се бориме, да бидеме бирани и да бираме.
Откако се е веќе завршено за што жалите што не успеавте да им го кажете на гласачите?
-Она што сакав да им го покажам е дека е време за претседателка која ќе го има граѓанинот во фокус, која ќе покаже емпатија и солидарност, која ќе работи на кохезија и ќе ги повикува политичарите на одговност за она што го сработиле или не. Некој ќе рече претседателот има јасно ограничени функции во Уставот, но може да потенцира дека некој не си ја врши работата. Нам соседите не ни се проблем за ЕУ. Ако се прочита извештакот на ЕК ќе види колку имаме несработено, па судство, корупција…. Но, многу е лесно друг да се окриви. Она што би го кажала е дека сум горда што сум државјанка на Репубика Македонија, ми е жал за иселувањата. Дека општеството има голем потенцијал, излишни ми се фразите на национална основа Па ние сме лулка на цивилизација, ние сме школа за другите околу нас. Навистина ни е потребен политичар, кој нема да доаѓа од големите политички партии. Ќе им докажев дека е време за жена претседател и затоа се гледаме за пет години…
Весна Миленковска