Техничкиот премиер Талат Џафери, ако се суди по реализираните посети за неговите три недели владеење, покажа дека функцијата ја разбира како претседател на влада во држава во која живеат само Албанци. Од четирите посети надвор од неговиот кабинет, Џафери беше само во места каде живее доминантно албанско население.
До пред распишување на изборите, Џафери имаше одвај неколку дена, колку да одбележи два камен темелници во тетовско Селце и на обиколницата во Тетово, додека во останатото време да направи увид во новата градинка во Липково, како и Државниот универзитет во Тетово (ДУТ), каде неговиот партиски лидер, Али Ахмети е почесен доктор на науки. Денеска е во посета на Универзитетот „Мајка Тереза“ (Universiteti “Nënë Tereza”).
Ако ја нацртаме мапата на движење, техничкиот премиер од родното Форино, гостиварско, „тркнал“ до Тетово и тетовско на камен темелници, до Липково во градинката и меѓу студентите, назад во Тетово.
Имаше и две посети во странство – првата посета во Брисел, и вториот лет до Германија на Минхенската безбедносна конференција. Во Минхен го посети дипломатското претставништво, да види како оди процесот на сликање и издавање на лични документи.
Амбасадорите на Албанија и Косово – Фатос Река и Флорим Ќехаја беа вториот и третиот дипломатски претставник со кои се сретна Џафери. Со нив се сретна третиот ден откако ја презеде функцијата. Првиот амбасадор со кој се сретна во улога на технички премиер, беше Дејвид Гир, амбасадорот на ЕУ во Македонија. На социјалните мрежи беа споделувани фотографии од овие средби, на кои Џафери седи на чело на масата, а не како што е протокол, на една страна домаќинот, на друга гостите. Ова се толкуваше како израз на доминација и непочитување на протоколот.
Одбележувањето на четврти февруари, денот на раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, Џафери го „скокна“ и како претставник на Владата и на положувањето цвеќе пред неговото почивалиште во црквата „Св. Спас“-Скопје дојде првиот вицепремиер Бојан Маричиќ.
Во Собранието, како претседател, Талат Џафери беше првиот меѓу еднаквите, но како технички премиер, чија улога е успешно организирање на изборите, дали навистина е премиер на сите граѓани, еднакви по Устав?
В.К.