Родилка од Делчево, која почина на КАРИЛ во Скопје од штипската болница е донесена во лоша здравствена состојба. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вчера само потврди дека после 10 часот родилката од Делчево била донесена во штипската болница и веднаш на Одделението за гинекологија и акушурство и бил извршен итен царски рез, по што во попладневните часови родилката заедно со новороденчето биле хоспитализирана во Скопје, каде во текот на вечерните часови починала.
Денес во официјалното соопштение од Клиничка болница-Штип објаснија:
-Што се однесува до текот на лекувањето, пациентката е примена на Одделот за гинекологија и акушерство на 26.12.2023 година околу 10,20 часот за породување. Десетина минути подоцна, пациентката колабира, со ниска тензија, немерлив пулс и знаци за шок. Веднаш е внесена во операциона сала, направено е итно породување со царски рез на бебето, кое е веднаш транспортирано на Детска клиника, а поради голема количина на крв во абдоменот, четворица хирурзи почнуваат операција за спас на пациентката. И покрај дадената крв и крвни деривати и операција, пациентката предоперативно, за време на операцијата и постоперативно е со тешка клиничка слика и хемодинамски нестабилна. Поради тоа, конзилиумот од двајца анетезиолози, двајца гинеколози и четири хирурзи одлучуваат пациентката да биде префлрлена на КАРИЛ – Скопје за понатамошен третман, велат од штипската болница и додаваат:
-Во текот на вчерашниот ден, Комисијата за контрола на квалитет и етички прашања, ја разгледа документацијата за случајот и утврди дека нема пропусти во третманот на пациентката. Бидејќи секако овој случај ќе биде предмет на анализа на институции кои ја контролираат нашата работа, ќе почекаме да видиме, што е причината за ваквиот исход и дали од наша страна е постапено според медицинските протоколи и медицина базирана на докази, се вели во соопштението.
Медиумите, пак, вчера од болнички извори информираа дека кога почнала интервенцијата лекарите забележале дека целиот стомак на жената е полн со крв, а изворот на крварењето била слезината.
-Хирурзите од штипската болница почнале операција и и ја извадиле слезината. Но, бидејки состојбата не се подобрувала итно била однесена на КАРИЛ, информираше Канал5, кои пренесоа и потврда од гинеколози кои велат дека крварењето од слезината најчесто еод надворешен силен удар на телото.