„Како може некој да има пет стана и да му е проблем 200 денари за пристап до мрежа. Ние не ги гледаме овие 85-90 отсто од луѓето, туку треба да ги жалиме тие што имаат пет стана? Овие редовните, чесните, цело време по нив се удира. Не може веќе така“ рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски во „Студио 10“ на ТВ24 за воведувањето на фиксниот трошок за пристап до мрежа.
Тој додаде дека доколку не се воведеше фиксниот трошок цената на електричната енергија во сите тарифни блокови ќе се зголемеше.
„Евтината струја ќе се зголемеше за 15,42 проценти, првиот блок за 3,4 проценти, вториот блок 8,62 проценти, во трет блок 9,46 проценти и во четвртиот блок над 4 проценти“ рече Бислимовски.
Претседателот на РКЕ додаде дека 80 отсто од населението никогаш не излегува со потрошувачката од вториот блок и покрај тоа што дел од нив преку зима се грејат на струја и кажа дека тие ќе имаат само намалување, а не зголемување на цените за електрична енергија.