Министерството за внатрешни работи целосно ги демантира лагите пласирани од партијата ВМРО-ДПМНЕ за наводно криење односно, како што велат, заташкување на пријавен случај во врска со лицето З.Г., се вели во демант испратен до медиумите.
Опозициската партија претходно објави дека МВР сака да го заташка овој случај на семејно насилство на генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.
„Вистината е дека СВР Скопје постапило и за овој случај по сите процедури, како впрочем и за сите други случаи. Имено, по добиена пријава од Љ.Г. на 17.11.2023 веднаш полициски службеници излегле на местото на настанот. Љ.Г. на полициските службеници им кажала дека по вербалната расправија З.Г. се заканувал дека ќе си го одземе животот со пиштол. Од страна на полициски службеници преземени се мерки и активности и на З.Г. му бил одземен пиштолот за понатамошна постапка. Апелираме до ВМРО-ДПМНЕ да престане да шири лаги и да ја вознемирува јавноста“, се вели во демантот од МВР.