Министерството за труд и социјална политика пет години работи на отворање нови капацитети за децата од предучилишна возраст низ цела држава.
На прашањето на ММС колку градинки досега се направени и какви се плановите за во иднина од МТСП имаат оптимистички најави:
„Министерството за труд и социјална политика постојано работи на отворање на нови капацитети за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст во сите општини, села и населени места каде што има таква потреба. Интенцијата е да се шири мрежата на јавни и приватни установи за да постигнеме што поголем опфат на деца во предучилишното образование“, велат од ресорното министерство.
Оваа заложба за проширување на капацитетите за сместување на деца од предшколска возраст Министерството ја поткрепува и со бројка од новоотворени градинки.
ММС побара податоци од 2017 година досега.
„Од почетокот на мандатот на Владата на РСМ, отворени се вкупно 83 објекти, групи во други просторни услови кои се распределени во 13 нови Јавни установи за деца-детски градинки, 39 нови објекти во рамки на постојните Јавни установи како и 31 нови групи (промена на просторни услови во постоечки објекти – се зголемува капацитет за згрижување и групи во други просторни услови). Со отворање на овие капацитети всушност отворени се 7964 места за згрижување на деца од предучилишна возраст ширум државата“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму, за ММС, откриваат дека планирано е да се отворат дополнителни капацитети за згрижување на деца од предучилишна возраст во следниве општини Кочани, Василево, Прилеп, Велес, Арачиново, Липково, Росоман, Чаир, Свети Николе, Гостивар, Делчево, Битола, Карбинци, Дебар, Могила, Гевгелија, Тетово и Теарце.