Новата софистицирана опрема на Фармацевтскиот факултет во Скопје ќе се користи за научни цели во повеќе области на фармацијата, како и за откривање на фалсификувани лекови, што е и дел од стратегијата на Република Северна Македонија за борбата против фалсификување лекови.
Ова, меѓу другото, беше истакнато на денешната презентација на новата лабораториска опрема и резултатите од научно-истражувачките проекти, што имаат значаен придонес во научно-истражувачката дејност и воопшто во развојот на фармацевтската индустрија.
Покрај деканот на факултетот Зоран Стерјев, обраќање пред присутните имаа и премиерот Димитар Ковачевски, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, како и ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Биљана Ангелова.
– Станува збор за пет научно истражувачки проекти на Факултетот, а вредноста на набавената опрема изнесува 450 илјади евра, изјави деканот на Факултетот, Зоран Стерјев.