Љупчо Палевски-Палчо, осомничен за грабнување и убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е уапсен, јавуваат некои медиуми.
Се очекуваа министерот Оливер Спасовски доцна вечерва во 22,30 часот да одржи прес конференција.
ММС се обиде да ја потврди оваа вест, но од МВР велат дека наскоро ќе бидат соопштени сите нови информации на закажаната прес конференција без да откриваат какви било детали.
Претходно, Oсновното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен 48-часовен притвор против 46-годишен скопјанец под сомнение дека извршил – помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје.
Oбвинителството наведува дека лицето осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Р.Бугарија и тоа со влез во Р.Бугарија на ГП Калотина и излез од Р.Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р.Турција).