Поранешниот командант на бригадата 115 на ОВК, Рафис Алити во интервју за весникот Лајм, вели дека војниците на ОВК биле подготвени во секој момент да влезат во Скопје за време на конфликтот во 2001 година. Но, како што појасни Алити, тоа не била целта и оти ОВК се борела за остварување на правата на Албанците и нивно изедначување со Македонците.
„Во секој момент бевме подготвени да влеземе во Скопје. Ова го велам затоа што во моментите кога се потпишуваше Охридскиот договор бројот на војници беше многу поголем отколку кога дојдов во Радуша. Но, со одговорност велам, не ни беше целта да го земеме Скопје, не ни беше целта да ја земеме водата на Рашче, што во секој момент можевме да го направиме. Нашата борба беше ние Албанците да си ги оствариме правата во оваа држава и мислам дека Охридскиот договор ни овозможува такво нешто“, изјави Алити.
Поранешниот командант објаснува во интервјуто дека во времето кога се потпишуваше Охридскиот договор, неговата бригада имала над 700 војници со оружје во рака, кои биле подготвени во секој момент.
-Покрај оние што ги имав во првата линија, имав и војници во втората линија кои ги подготвував. Имав полигон и имавме претпоставени кои беа посветени на подготовка на другите момчиња кои дојдоа подоцна и се приклучија да се подготват за борба. Имавме и млади момци кои сакав да ги вратам, но тие одбиваа и упорно бараа да останат таму, а јас ја почитував нивната волја. Млади момци кои за прв пат зедоа пиштол кога се приклучија на Бригадата. Она што го велам е дека го организиравме и полигонот, кој имаше свои вежби секој ден, а тие момчиња ги подготвувавме токму за тоа дека ако дојде до поделба на земјата, сепак, ќе бевме и во Скопје“, изјави Алити.
Извор:Лајм