Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов денеска со меѓународни високи претставници за кризен менџмент од Јапонија и од Балканот беше на теренска обиколка на планината Плачковица од rадовишка страна, над највисокото село Коџалија, соопштија од ЦУК.
Како што информираа оттаму, посетата е во рамки на завршниот регионален семинар „Проектот за градење на капацитети за екосистемски-базирано намалување на ризици од катастрофи „Eco-DRR“, поддржан од Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија – (ЈИЦА JICA), што се одржува во Скопје и се презентираа сите активности од проектот коишто беа имплементирани и на терен. Практично, се оствари теренска посета на проектната локација на подрачјето на Општина Радовиш, со цел да се согледа практичната примена на „Еко-ДРР“ и конкретните стратешки мерки на терен за намалување на ризикот од катастрофи – во случајот од поројни поплави.
-Конкретно, преку овој проект во Република Северна Македонија беа применети теоретски и практични мерки од концептот на екосистемски-базирано намалување на ризици од катастрофи (Eco-DRR), со крајна цел да се намали интензитетот и фреквентноста на природни непогоди, како што се поројните поплави, лизгање на земјиштето и ерозија на почвата, кои со децении наназад предизвикуваат големи физички штети, социоекономски последици и доведуваат до тешка деградација на природната средина, изјави Ангелов.
Тој посочи дека благодарение на заедничките интензивни активности на Центарот за управување со кризи, координирани од Стевко Стефаноски и одличната поддршка и соработка со JICA, од идната година во оваа Регионална програма ќе се приклучат Албанија и Босна и Херцеговина, а се надева дека и Република Србија ќе го стори истото, со што целиот регион ќе биде дел оваа ЈИЦА мрежа за соработка.