Не стивнува револтот кај пациентите со дијабет кои веќе девет месеци се без неопходните глукомери и ленти за мерење на шеќерот. Откако поднесоа претставка до Министерството за здравство, тие денеска поднесоа претставка и до Народниот правобранител.
Во ваквиот документ кој го лиферуваа и до медиумите, пациентите се жалат дека ресорното Министерство не им одговорило во предвидениот законски рок од 15 дена и додаваат дека нивните права како пациенти се повредени, а при тоа им се предизвикува и материјална штета.
-Обврската за редовна набавка на глукомерите и лентите, согласно член 16 од Законот за здравствена заштита и Програмата на Владата на РСМ за набавка на инсулини, анти-дијабетна терпаија, системи за континуирано мерење на гликемија, пумпи од 01.02.2023 година, е исклучиво на Министерството за здравство со средства од државниот буџет, преку тендерски постапки за набавка во две годишни програми – соопшти Сојзот на здруженија на дијабетичари кој стои зад претставката.
Од Сојузот појаснуваат дека претходната тендерска набавка била со важност до крајот на ланската година, со што следната требала да биде распишана два месеца однапред. Сепак од, за нив, непознати причини, до тоа не дошло и се доцнело до април.
-Пациентите со дијабетес се оставени без неопходните глукомери и ленти од 01.01.2023 година до денес односно 9 месеци. Последиците од нерегулирани гликемиски вредности и компликациите кои настануваат како причина од истото, се кардиоваскуларните заболувања, дијабетична полиневропатија, нефропатија, ретинопатија и други кои не се лекуваат туку само се живее со нив се добро познати на сите. Периодот во кој пациентите се оставени без неопходните за нормален живот глукомери и ленти е долг веќе 9 месеци со што на пациентите им е повредено правото за здравствена заштита загарантирано со Устав на РСМ, Законот за здравствена заштита и Законот за правата и заштина на пациенти, а воедно и им е предизвикана материјална штета бидејќи сите пациенти во изминатиот период лентите ги купуваат во аптеките со сопствени средства – реагира Сојузот кој застапува 44.000 пациенти.
-Ние силно веруваме дека државата има полн капацитет да ги заштити правата на граѓаните за здрав живот, да им го врати мирот, достоинството, спокојот и нормалниот живот без ризик, на 44.000 свои државјани и граѓани. Како хумана држава, мора да го одржава високо квалитетот на животот на сите свои граѓани, особено на децата и младите до 18 години заболени со Дијабетес Тип 1 – велат од Сојузот.
Пациентите со дијабет потсетуваат дека во врска со овој проблем досега се реализирани две средби со министерот за здравство, но сѐ уште нема решение.