Штипските пожарникари во моментов од огнените јазици спасуваат свињарска фарма, која се наоѓа меѓу регионалниот пат Штип-Радовиш кај местото викано „20-ти километар“ и селото Пиперово. Командирот на ТППЕ-Штип, Дарко Коцев за МИА вели дека сите сили се насочени кон спасување на фармата.
-На терен сме 15 пожарникари со четири противпожарни возила. Очекуваме наскоро да пристигне и помош од воздух, вели Коцев.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов претходно изјави дека во атарот на штипското село Пиперово гори зимзелена шума, а се активира и поддршка од воздух.
-Штипските пожарникари во моментов се обидуваат да спасат свињарска фарма чии сопственици се недостапни. Во фармата е само едно лице кое не може да ги добие, рече тој.
Ова е втор пожар во овој атар, а според Ангелов олеснително за поддршката од воздух е што во близина е и вештачкото езеро Мантово.