На годишнината од смртта на Тодор Александров, советникот од редовите на ВМРО Народна партија, Зоран Костовски побара од Општината Штип да му оддаде признание на како што рече „големиот водач на македонското револуционерно дело“. Во исто време, побара плочата на Александров, што стои во штипско Ново Село, да се врати на првобитното место, во карпа од каде била отстранета со експлозив.
-До следната панихида за Тодор Александров што ја организираме од ВМРО НП и ВМРО ДПМНЕ, предлагам иницијатива општината да го направи патот до плочата, што сега е во лоша состојба, а со механизација да се крене плочата, чие првобитно положение е во самата карпа. На Тодор Александров како најсилен водач на историското ВМРО да му се даде симболика со именување на улица или мост во Ново Село со неговото име како голем водач на македонското револуционерно дело, рече Костовски.
Тодор Александров во учебниците по историја се’ уште се нарекува контроверзна личност, иако некои политичари и граѓани сметаат дека не е достојно претставен. Роден новоселец, ја обновил организацијата под името ВМРО (1919) и во 1920 ја зацврстил во Пиринскиот дел на Македонија. Бил организатор на серија атентати. Го потпишал Мајскиот манифест за обединување на македонските револуционерни сили, но пред убиството јавно се откажал од својот потпис. Бугарите го слават и го сметаат за заштитник на македонската бугарштина.
Убиен е на денешен ден во 1924 година на Пирин планина.