Албанската компанија „Амадеус“, која требаше да гради хотел со шпански скали и трговски центар на плоштадот во Скопје, на 17 август покренала арбитражен спор против Македонија пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID). Како отштета бара 110 милиони американски долари поради закочениот проект за хотелот.
Ова е најновиот арбитражен спор против државата, што денеска на прес конференција го изнесе вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој претседава со Координативното тело за следење на арбитражните постапки. Неодамна Дојче Веле објави дека вкупната вредност на арбитражните постапки кои што во моментот се водат против државата, изнесува 1,36 милијарди евра, при што станува збор само за основицата, без камати, со кои износот може да се зголеми и над 1,5 милијарди евра.
Битиќи денеска кажа дека албанската групација „Амадеус“ е една од странските компании која преку меѓународен суд бара обештетување за нереализирана инвестиција, добила тендер распишан од Министерството за транспорт во време кога министер бил Миле Јанакиески.
Но, потоа дозволата е оспорена и одземена, а македонските судови носат забрана за изградба на објектот. Добро познат е на јавноста предметот „Шпански скали“.
-Во овој моментот тужителот Амадеус има наведено само површни наводи и аргументи без докази и документи, изјави вицепремиерот Битиќи.
Вториот случај за кој зборуваше Битиќи е арбитражата што на 31 јули годинава ја покрена италијанската фирма „ФЛЦ амбиенте“ која поднесе тужба за прекршување на договорот за управување со депонијата „Дрисла“. Компанијата стана приватен партнер на депонијата „Дрисла“, а случајот датира од 2013 година. Во 2012 година по тендер на Град Скопје, италијанската компанија станува стратешки партнер, а една година подоцна Дрисла се приватизира, со тоа што 80 отсто е сопственост на италијанскиот партнер, останатите 20 отсто на Град Скопје.
Одлуката за била оспорена пред македонските судови од страна на конкурентот на тендерот, компанијата Шолц АГ, по што „ФЦЛ Амбиенте“ ги губи постапките и судот го поништува решението за избор на приватен партнер.
-Поништен е тендерот, за во 2020 година Дрисла ДОО повторно стана ЈП, за што италијанската компанија поведе спор, но неуспешно, рече Битиќи.
Државата одговорила на барањата на Трибуналот откако со овие два случаи биле запознаени во детали. Битиќи рече дека овие предмети се на меѓународен суд поради несовесно работење, договарање во четири очи, како што кажа, „на тогашната власт на ВМРО ДПМНЕ, која ги задолжи државата и граѓаните“. На забелешката од новинарите дека на немарноста на државата кон арбитражните постапки забележал и Државниот завод за ревизија, вицепремиерот рече дека ревизорот ги има истите забелешки како и неговите.
-ДЗР не наоѓа забелешка на водењето на постапките, туку покрена дилема и забелешка за одговорноста од евентуални спорови од арбитражни постапки. Тоа е истата моја дилема како претседател на Координативното тело, секако во евентуален изгубен спор, тие што направиле дејства да се изгуби спорот, треба да одговараат пред државните органи. Целото досие по завршување на арбитражните постапки го префрлуваме во Обвинителството и тоа треба да покрене постапка. Треба да има одговор за секој денар што не е правилно искористен, изјави Битиќи.
Против државата Македонија активни се неколку спорови за кои се чека одлука, а арбитража најави и компанија „Еуромакс рисорсис“ за рудникот Иловица – Штука.
Државата го доби спорот со холандската компанија „Кунико ресорсис“. Оваа компанија за стечајната постапка за Фени бараше 74 милиони долари отштета, додека загубена е арбитражата со „Хеленик петролеум“ за рафинеријата ОКТА, за што Македонија на грчката компанија треба да и плати 21 милион евра.