„Катаклизма“ е насловот на новата песна на момците од „Браво бенд“, која јавноста веќе има можност да ја чуе после повеќе од 5-годишна пауза од создавање авторска музика.
„Не би сакале да звучи како клише, но паузата што ја направивме во изминатиот период одлично ни дојде за добро да размислиме во која насока ќе се движи нашата кариера во иднина, а заедничкиот заклучок е – ова е само почеток на сето она што публиката допрва ќе го чуе и види од нас“, велат момците од Браво бенд.
Интересно е дека „Катаклизма“ е песна снимена на српски јазик и во издание на Гранд продукција, а зад неа како автор на музиката се потпишува Александар Цветковиќ или Сале, фронтменот на Тропико бенд. Текстот е со потписот на Драган Брајовиќ-Браја, а аранжманот на Јован Лазаревиќ.
„Зошто на српски јазик е прашањето кое ни го поставија сите кои ја слушнаа песната, а сигурно ќе ни го постават уште многумина – така е затоа што кога Сале ни ја пушти песната да ја слушнеме веќе беше направена на српски. Знаеме и дека голем дел од македонската публика ја следи естрадата во соседството, па некако сакавме да направиме еден камбек за домашната публика, но и да се претставиме надвор од нашите граници“, велат момците и додаваат дека паузирале само кога станува збор за правењето авторска музика, но не и кога се во прашање настапите.
„Со исклучок на периодот за време на пандемијата со корона вирусот, ние постојано настапуваме, па и сега едвај чекаме во живо да ја отсвириме „Катаклизма“, додаваат дечките од Браво бенд.
Задоволен од соработката е и Сале – Тропико, кој признава дека му е исклучително драго што имал можност да соработува со момците од „Браво бенд“ за кои вели дека се одлични момчиња и, пред сѐ, неверојатни музичари.
„Навистина ми е драго што со нив соработував на песната „Катаклизма“. Долго опстојуваат на македонската сцена, но со ова издание за Гранд продукција сметам дека им се отвора врата за целиот балкански пазар, а сѐ со надеж дека песната „Катаклизма“ ќе ѝ се допадне на публиката бидејќи е правена токму за Браво бенд“, вели Сале.
Видеото за „Катаклизма“ во кое освен членовите на Браво бенд – Кире, Дејан, Мирослав, Драган, Момчило и Александар, ќе го видите и актерот Петар Стојанов, како и моделката Матеа Стојковска, е со потписот на неверојатниот Даниел Јовески. Директор на фотографијата, како и монтажата и постпродукцијата се на Ѓорги Вацев.