За големата жртва и најголемата храброст на Јелена Трикиќ треба да знае целиот свет.
Јелена Трикиќ од Дрвар, Босна и Херцеговина, починала во 2012-та година во Клиниката во Бања Лука. Таа одбила да се лекува со силни цитостатоци откако била дијагностицирана со тумор на мозок, но не прифатила да се лекува, со цел да може да стане мајка. Толку болна, таа родила здраво бебе, го родила синот Никола. Јелена починала четириесетина дена по породувањето, а јавноста ја нарекува „Мајка на храброста“.
„Се сеќавам дека беше Ѓурѓовден кога дојдоа кај нас. Јелена ми кажа дека е бремена, дека ќе станам баба. Бев среќна“, раскажува Милкица, мајката на Јелена.
„Во моментот кога остана бремена, таа беше целосно здрава. Мислев дека ќе бидеме среќни“, се сеќава нејзината мајка. Јелена била во шестиот месец од бременоста кога почнале нејзините здравствени проблеми.
„Видов дека нешто не е во ред, таа само спиеше“, со кнедла во грлото раскажува нејзиниот сопруг Горан, сеќавајќи се на првите симптоми на болеста.
„Кога ѝ соопштија ѝ рекоа дека апсолутно нема надеж“, додава тој.
Во тие денови Јелена и велела на мајка си: „мамо немој да плачеш, сѐ ќе биде добро“.
На Јелена ѝ предложиле зрачна терапија за да ја спасат, но морала да се „ослободи“ од бебето. Докторите всушност се чуделе како таа се уште е при свест. Сепак, таа лежејќи в кревет им рекла дека не прифаќа. Докторите ѝ кажале дека нема да издржи, бидејќи треба да поминат најмалку три недели за бебето да созрее, па да може да ја породат. Докторите се чуделе како воопшто е свесна, бидејќи според нив таа требало да биде во кома. Меѓутоа, Јелена се движела, па дури и со медицинскиот персонал пиела кафе.
Ѝ реков: „Јелена ти си за мене многу важна“.
Таа ме погледна и ми рече: „Мамо, како што сум важна јас за тебе, така и мене ми е важно ова“, се сеќава мајката на Јелена додавајќи дека во тој момент Јелена покажала кон стомакот.
Младата жена воопшто не сакала да разговара за процесот на лекување, важно ѝ било само да го роди детето. Морала да се породи предвреме, па така и се случило.
„Се роди Никола. Таа му го даде името бидејќи пред иконата на Свети Никола се заколна дека ако роди син, ќе се вика Никола“, раскажува нејзиниот сопруг.
Кога ѝ го донеле бебето, Јелена била пресреќна.
„Без оглед на тоа што го зборуваа докторите, без оглед на нивните прогнози, јас верував во чудо. Дури кога почина, кога престана да дише станав свесен дека останав без неа“, додава сопругот.
Тоа што таа го направи е најголема жртва, основа на христијанството е да се даде живот на друг. Јелена почина 39 дена по породувањето.
„Три дена по погребот го донесовме бебето дома. Беше тешко, сфатив дека морам да се борам за него. Сега, кога ќе се вратам наназад, гледам дека тоа не било воопшто лесно. Три години по смртта на Јелена, јас повторно се оженив. Никола доби сестри и сега ми е драго што има некој за да растат заедно“, посочи Горан.
Никола денес има десет години. Вели дека мајка му многу му недостига и дека секој ден ѝ црта нешто на својата мајка. На неговите цртежи неговата мајка е претставена во семејниот дом.
„Во сѐ што правиме, мора да сме одлучни и храбри“, вели Никола.