Собранието по скратена постапка гласа по осум од предложените девет законски измени врзани за изградбата на Коридор 8 и 10 Д. Предлагачите на измените на Законот за културно наследство го повлекоа предлогот, по бурната реакција на археолозите, кои денеска протестираа пред Собранието.
Гласањето за предлог законите покажа разногласие во коалицијата на СДСМ и разидување на помалите коалиционери. Пратениците од ДОМ, ЛДП, Партијата на пензионерите, ВМРО НП и Српска странка во Македонија, за внесување на измените по скратена постапка гласаа против или воздржано. Маја Морачанин од говорницата рече особено не се согласува со измените на законите за шуми, за концесии и за работни односи.
-Не сметам дека кој било треба да биде привилегиран затоа што некој спроведува проекти, макар биле во интерес на граѓаните, рече Морачанин.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека се повторува практиката преку ноќ, нетранспарентно да се предлагаат и донесуваат закони за кои ниту е консултирана експертската јавност, ниту опозицијата.
Мицевски забележа дека за најголемиот проект во државата, не стои Владата, туку се крие зад пратеничките потписи.
– Ако веќе проектот е и е најголем проект кој што треба да се изведува во нашата држава, тука требаше да седат министри од Владата и да преземат одговорност, а не да се кријат зад мнозинството кое што го има во ова Собрание. И да, сакам оваа држава да се развива побрзо, сакаме да успее овој проект, ама сакаме да успее на јавен, транспарентен начин. А, не законите да се пуштаат од петок, а во понеделник да се закажува седница. Да, си дојде министер за култура, министер за земјоделие, министер за транспорт, министер за финансии, и да застане зад експропријациите, зад шумите, зад културното наследство, и да го брани тоа што го прави“, изјави Мицевски.
По ова, пратеничката група предводена од ВМРО ДПМНЕ најави дека ја напушта седницата, додека ќе подготви амандмани, за измените, за кои како што рече координаторот, „провејува фактот за сомнежи за желба за корумпирање, криминал и матни зделки, како дел од овој проект“.