Хрватскиот пејач Јасмин Ставрос, кој своевремено беше ѕвезда на територијата на поранешна Југославија, ја води најтешката битка, моментално е во болница каде му е дијагностициран рак на коските, пренесува Јутарњи лист.
-Сè ме боли. Не ми е добро – вели Јасмин Ставрос.
Кралот на забавата, како што многумина го нарекуваат, веќе неколку дена се наоѓа на болничко лекување во загрепската болница.
Неговите здравствени проблеми започнале пред неколку недели кога имал чир во стомакот, кој успешно бил саниран во болницата во Карловац. Музичарот потоа бил отпуштен од таа болница, но неговите тегоби не престанале. Имал болки, бил исцрпен, па минатата недела со возило на брза помош бил пренесен во загрепската болница каде, како што рекле неговите пријатели, лекарите веднаш почнале со детални прегледи.
-На сите можни тестови сум. Уморен сум, ме болат рацете, нозете, рамената – изјавил Ставрос во саботата, а два дена подоцна дознал која е неговата дијагноза.
За жал, најлошото е потврдено. Имам рак на коските, почнувам со зрачење. Им верувам на лекарите, знам дека го прават само најдоброто за мене и се молам на Бога да престанат овие страшни болки. Не знам ни колку лекови против болки пијам, некои помагаат, некои не, а имам впечаток дека болката е постојано присутна. Не можам да спијам бидејќи ме боли грбот, а со болката сум свесен и дека започна мојата најтешка и најголема животна борба – тивко рекол Ставрос.