Фотографијата со момчето е стара девет години и потекнува од меѓународниот фестивал на тетоважи кој по 10 пат се одржал во Киев во 2014 година. Како што се вели во самата објава за фестивалот, на него присуствувале многу љубители на тетоважите не само од различни делови на Украина, туку и од други земји во светот. Оттука, не може со сигурност да се каже од каде е момчето кое има тетоважи со нацистички симболи, а уште помалку може да се тврди дека е Украинец
На Фејсбук повторно се појави фотографија од момче кое на себе има тетоважи со нацистички симболи и за кое се тврди дека е Украинец. За ова нема потврда.
ФАШИСТОТ
Колективниот запад е унисон во тврдењата дека Путин е диктатор, кој со агресија сака да уништи суверена нација.
Единствено што не можат да се договорат, е употребата на терминологијата. Некој го нарекуваат “Нов Хитлер”, други Тоталитарец…затоа се почесто се наоѓа компромис во терминот “Фашистичка Агресија”.
И се разбира, секој има право да се бори против фашистичка агресија, дури и ова сирото украинско момче…и тоа има право на своите идеали!, се вели во постот што го анализираме и кој ја споделува фотографијата од момчето.
Меѓутоа, постот не нуди никаква потврда или доказ дека момчето има каква било врска со Украина.
Доколку ја пребарате фотографијата на Интернет, преку Тин ај, ќе видите дека таа се појавува уште во 2015 година.
Руските медиуми првпат ја користеле оваа фотографија, како илустрација во врска со Украина, во 2018 година, пишува чешкиот сајт за проверка на фактите .fakticke.info.
„Вистиномер“ ја побара фотографијата и на пребарувачот Јандекс и откривме дека фотографијата со момчето е стара девет години и потекнува од меѓународниот фестивал на тетоважи кој по 10 пат се одржал во Киев во 2014 година.
Како што се вели во самата објава за фестивалот, на него присуствувале многу љубители на тетоважите не само од различни делови на Украина, туку и од други земји во светот. Оттука, не може со сигурност да се каже од каде е момчето кое има тетоважи со нацистички симболи, а уште помалку може да се тврди дека е Украинец.
За потсетување, Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година.
Од сето погоре може да заклучиме дека на постот што го рецензираме му недостига контекст. Едноставно, нема никакви информации со кои може да се потврди дека станува збор за лице кое е жител на Украина или не. Дури и да е од Украина, не се знаат неговите политички симпатии, односно не може да се каже со било каков степен на сигурност дали ова лице ги поддржува украинските власти и нивната броба против руската агресија, или, пак, е поддржувач на Русија од окупираните региони какви што се Луганск, Донецк, Запорожје, Керсон или Крим. Како што е познато, 22,5 отсто од територијата на Украина е под окупација на Руската Федерација и во овие региони има поддржувачи на Русија и лица кои се борат во регионалните воените формации рамо до рамо со руската војска. Оттаму, не може со било каков степен на сигурност и доверба да се каже каде и против кого би се борело ова момче (кое сега веќе е возрасен маж, зашто фотографијата е од пред 9 години).
Да не говориме за фактот што тетовирани лица со нацистички симболи не се нешто што е туѓо ни во Русија. Новинар на руските државни медиуми, кој ја покрива војната во Украина, чија цел е нејзина „денацификација“, беше откриено дека и самиот е прекриен со нацистички тетоважи на главата и телото, додека командант во платеничката Вагнер група, Дмитриј Уткин, чија задача на почетокот на војната била да го убие украинскиот претседател, Володимир Зеленски, исто така, е познато дека бил тетовиран со нацистички симболи.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.