По речиси 12 часа разговори меѓу Белград и Приштина денеска во Охрид, српскиот претседател Александар Вучиќ даде изјава за медиумите информирајќи дека е постигнат некаков договор и дека се утврдени неколку точки кои ќе станат дел од преговарачката рамка.
„Една од клучните точки е дека Европскиот совет на патот на сериозниот процес кој тукушто започна, ќе проценува колку кој сработел од имплементациониот план“, соопшти Вучиќ вечерва.
Според него, за српската страна е важно дека како приоритет во рамки на дијалогот е ставено формирањето на Заедницата на српски општини и како што рече, за тоа е задоволен.
„ Уште се говори за исчезнатите лица од Косово, а освен тоа, тој план ќе се надоградува. Знам дека косовската страна ќе зборува дека не сум потпишал ништо, но и јас и Курти ги прикажавме црвените линии, а сепак направивме напредок иако не беше ден Д, сепак беше добар ден“, додаде српскиот претседател.
Тој најави дека секоја од точките утре ќе ја претстави во Србија, а веќе в понеделник ќе разговара со пратеничките групи за да постигнат договор дали планот ќе оди преку парламентот.
„Се надевам дека Приштина ќе оди веднаш кон формирање на Заедницата на српски општини, а нашиот напредок кон ЕУ ќе биде ценет и според тоа што сме постигнале во однос на имплементацијата на планот“, рече Вучиќ.
Тој посочи дека нема да се меша во тоа какви оценки ќе даде шефот на европската дипломатија Борел. При тоа, додаде дека има „трошка“ задоволство и смета дека и покрај несогласувањата, имале пристоен и коректен разговор.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со темата, Вучиќ прецизираше: – ЕУ ќе цени дали Приштина формирала Заедница на српски општини и ќе рече: „нема напредок“, а нас ќе нè цени по други прашања и ако не спроведуваме, ќе рече: „нема напредок за Србија“.