Што најпрво би направиле доколку ви речат: „Ќе живееш уште само два часа“?
Ова во секојдневието се користи како виц за црн хумор, но Сашо Јанкуловски (50) од Скопје го доживеал во реалниот живот.
Пред повеќе од година ипол тој бил на лекар да се прегледа, а лекарот му рекол – имаш уште два часа живот, срцето ти работи само 18 проценти. Tоа било во октомври 2021 година, кога е направена петтата трансплантација на срце во државава, бидејќи после сите премрежја Сашо денес го живее секојдневието, благодарение на донор од Прилеп, чие срце го носи.
Весел, расположен, полн со живот, Сашо за ММС ја раскажа својата приказна, кога животот на 48 години му висел на конец и кога секунди го делеле од смртта. Тој морал да донесе брза одлука за себе, бидејќи ако не било така, како што вели, денес веќе немаше да седи со нас и да раскажува.
А се’ почнало кога Сашо почнал да чувствува замор, тешко да дише, симптоми кои најпрво ги припишувал на својот нездрав начин на живот.
-По 16 месеци се чувствувам супер, дури и подобро отколку што сум се чувствувал пред транплантацијата. Претходно водев нездрав живот, премногу шетав, пушев многу, по 3-4 кутии дневно, пиев алкохол, многу малку спиев. Тоа траеше со години. Почнав да губам енергија и да се заморувам. Не можев да спијам во хоризонтална положба и тешко дишев. Тоа траеше околу еден месец. Прво се обратив на матичната докторка, која кога ме прегледа веднаш ми даде упат за интернист. А кога интернистот ја виде работата на срцето се стаписа, вели Сашо и додава:
– Ми рече дека имам уште два часа живот. Јас не знам како се чувствував во тој момент. Бев со татко ми. Излегов надвор од ординација и кога му кажав на татко ми тој не знаеше каде се наоѓа. Од тука веднаш отидовме на Клиника. Јас прво прележав корона и мислев дека тие симптоми кои ги имав ми се постковид. Затоа и отидов прво на Пулмологија. Во меѓувреме имав направено снимки. Кога ги виде д-р Арсовски снимките ме праша чии се. Кога му кажав дека се мои не можеше да поверува, па ме праша како сум стасал до Клиника. А јас сам се качив по скали. Лекарот со тие резултати, нормално, не ме пушти да си одам. Веднаш ме задржаа во болница. А тогаш во ек на корона едвај се наоѓаше кревет. Веќе во понеделникот ме сместија на кардиологија и од тука почна се’, вели Сашо.
На Кардиологија уште еднаш било потврдено дека неговото срце работело само 18 проценти, а додека да стаса на Кардиологија веќе процентот се намалил на 10, бидејќи од моментот кога откриле дека има проблем до моментот во болница поминале веќе пет дена.
-Во соба бев со еден дедо, кој имаше 90 години и кој многу ми помогна во моментите на одлука. Доцна вечерта, за моја среќа, ми соопштија дека има донор на срце, дека по параметрите ми одговара и ако сум подготвен утрото може да се направи трансплантација. Тоа беше момент на одлука. Бев фрапиран, стаписан и не знаев што да одлучам. Побарав од лекарката малку да размислам. Свртев кај моите им кажав што се случува, дека треба да одлучам. Од дома ми река ако нема друг излез секако дека треба да направам. Го гледам дедото, кај мене во соба, така лежи и ме гледа дека сум во паника. Кога ме праша што ми се случува. Јас му објаснив и го прашав да е на мое место како би постапил. Дедото ми рече: „не би се мислел, веднаш би направил“. И јас решив во тој момент. Кажав на лекарката и почна процедурата, објаснува Сашо.
Трансплантацијата траела девет часа и за среќа се’ поминало во најдобар ред. Но, по пет дена прокрварел па повторно морало да го отворат.
-Кога се разбудив не бев свесен, веројатно од силната анестезија. Од преисцрпеност не можев да размислувам. Ама во секој случај си реков „Боже ти благодарам што ми даде трета шанса за живот“, бидејќи мене навистина ова ми беше трета шанса за живот. Од моментот кога ме оперираа до завршувањето мислам дека ослабев 20 килограми. До излегувањето од болница веќе бев 40 килограми послаб. Не смеев да мрдам, лежев, но потоа почнав полека да комуницирам со моите, со персоналот. Откако се направи трансплантацијата останав во болница околу 15 дена, но потоа фатив бактерија и заглавив во болница уште два месеци. Тоа беше исклучиво моја вина, не внимавав на препораките на лекарите. Ме советуваа да не се движам многу меѓу луѓе ама јас не ги послушав. Тоа ми беше школо. Но, се’ заврши фала му на Бога, сега се е во ред. Откако е направена трансплатацијата се’ што сакам смеам да правам, само не смеам да конзумирам цитруси и пробиотици. Повеќе шетам, помалку седам, помалку се забавувам, пијам терапија наутро и навечер. Сега внимавам апсолутно на се’. Сега дишам убаво, а одамна не сум дишел вака убаво. Можеби е и поради тоа што веќе не пушам и не пијам. Навистина се конзумирам од храна само во умерени граници, вели тој.
Сашо вели дека до сега, кога веќе се поминати над 16 месеци никогаш не се запрашал зошто му се случило ова, зошто морал да поминува низ вакво премрежје.
-Што да кажам, не се запрашав ниеднаш што ми се случи. А зошто да се запрашам кога сам сум виновен за се’ што ми се случи. Сам се доведов во таква ситуација. Мојата недисциплина, здравствена неедукација и неинформираност ме доведе до тоа. Претходно со лекари не сум имал контакти, освен систематски што сум правел. Не сум се запрашал и нема да се запрашам, бидејќи јас сум виновен за се’ што морав да преживеам. И му благодарам на Бога што вака се заврши. Кога лекарите ми рекоа за трансплантацијата ми рекоа дека со лекови може да се подигне работата на срцето, но тоа ќе трае една година. После тоа повторно ќе дојдам во оваа фаза. За жал има пациенти што чекаат со години, мене ми се насмевна среќата да се најде компатибилен донор, додава тој.
Кога поминувал низ ова Сашо имал 48 години и како што вели, не бил подготвен животот да го заврши на толку години, толку млад. Особено не, кога во болница гледал пациенти кои имале и по 90 години, па не се предавале, туку се оперирале и се бореле за животот.
-Сфатив дека во животот треба да си го почитуваш здравјето и да се бориш. Ете јас имав среќа веднаш да се најде донор. Срцето ми е од жена од Прилеп, почината е од мозочен удар. Кога заврши трансплантацијата не ми кажаа чие срце носам, а сакав да дознам. Но, заради заштита на податоци не ми кажаа. Не знам колку пати да речам благодарам на тоа семејство. Навистина не знам што да кажам. Тажно за семејството што се случило така, сочувствувам со нив, можам да замислам низ што поминале. Но,ете среќа за моето семејство што преживеав. Вечно ќе сум им благодарен. Стапив во контакт со синот на починатата, ме пронашол преку некои мои другари. Се надевам дека наскоро ќе се видиме, сакам да се видиме, вели тој и советува:
-Ова е моја препорака за луѓето кои ќе се најдат во ваква ситуација, се однесува и за донорите и за примачите. Тажниот крај не може никој да го измени со ништо, тоа е природата. Но, можеме многу да помогнеме на луѓе што имаат потреба од тоа и би им препорачал на сите, прво не дај Боже да губат некој свој, но кога веќе се случило да се донираат органи. Мислам дека треба кај нас да се подигне свеста. Јас и моето семејство сме решени доколку дојде до такво нешто дека ќе донираме. Зошто некому да не му го продолжиме животот, објаснува тој.
Секојдневно се соочуваме со критики за нашето здравство. Министрите се менуваат, а работите стојат. Но, Сашо вели дека не е секаде така. Напротив, неговото искуство го кажува токму спротивното, особено за Кардиохирургија.
-После се’ низ што поминав што да кажам кога еве седам и пијам кафе. Што да кажам за лекарите. Од се’ сум презадоволен, од третманот, операцијата, негата, целиот персонал, од сите вработени, од професорот Јовев. Ама буквално од сите. Секоја чест на организираноста и посветеноста на пацинтите. Немам зборови, презадоволен сум. Контактирам со нив и ден денес. Сите трансплантирани имаат ист третман, не само јас. За нив посебно се води грижа. Кај професорот Јовев нема незадоволен пациент. Секоја чест, се функционира беспрекорно. Јас никогаш во живот не сум размислувал дека ќе поминам низ ова. Ама се се случува. Лошото никој не го чека, само доаѓа. Јас ја имав среќата да го поминам лошото и да продолжам да живеам.., рече на крај Сашо.
Весна Миленковска